Макета од бели дробови и транспарент „СОС“ беа поставени попладнево на патот за РЕК „Битола“ за време на протестот за чист воздух којшто се одржа само неколку часа пред митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Битола. Блокадите ќе продолжат до сабота за кога во Битола е најавен и митингот на СДСМ во Битола. Се блокираат патиштата од 15 до 17 часот, а митинзите се подоцна. Со тоа не се спречува доаѓањето на политичарите во Битола, но претходно им се испраќа порака за приоритетот на битолчани.
„Ова е крик да им кажеме: луѓе имаме други приоритети освен вашите избори. Ако вашиот приоритет се изборите и доаѓањето на власт, нашиот приоритет е чистиот воздух“, порачаа активнистите на здружениоето „За нас се работи“ и другите битолчани на протестот.
Тие со автомобили ги блокираа влезот на градот од страната на Скопје и патот за РЕК „Битола“. Борците за чист воздух изјавија дека не припаѓаат на ниедна политичка партија, а нивниот протест не е политички мотивиран. На политичарите им порачаа дека намерно ги избраа деновите кога најголемите политички партии имаат митинзи во градот за да им укажат на тоа кој е приоритетот на битолчани.
„Се собравме не исклучиво само да протестираме, туку да им кажеме на оние за кои се затвораат нашите улици кога ќе доаѓаат во градот со црни возила и полициска придружба, дека имаат свој приоритет кој за нас е малку важен. Ние имаме еден приоритет во моментот, не затоа што ние така сакаме туку затоа што резултатите покажуваат дека тоа е приоритет, а тоа е загадениот воздух и се поголемиот број на смртни случаи во Битола, токму од загадениот воздух, вода и почва“, изјави Дуле Груевски од здружението „За нас се работи“.
Од здружението составија меморандум барајќи да го потпишат лидерите на сите политички партии обврзувајќи се дека ќе ги исполнат нивните две барања.
„Укинување на ангажираната моќност од сметките на сите приклучоци на електрична енергија на ЕВН во општина Битола и субвенционирање на 25 до 30 проценти на потрошените киловат часови на секој потрошувач. Другиот предлог е итно воведување на режим на сообраќај за централно градско подрачје кога ќе биде најголемата гужва, кога ќе ги палат сите ќумбињата дома, кога фрчат автовбуси и воздухот е најзагаден“, порача Иван Чулаковски од „За нас се работи“.
Протестите следуваа откако минатата недела мерните станици регистрираа енормна загаденост на воздухот во Битола со суспендирани ПМ 10 честички. Минатата недела во одредени денови Битола беше лидер по загадување во земјава. Среднодневните вредности на оваа ситна прашина беа неколкупати над довзолената граница. Иако проблемот е голем, интересот кај битолчани да го изразат својот револт на протети остана мал. Протестот не доби голема масовност.
„Помирисајте ужасен е воздухот. Ете и ние како повозрасни сакаме рекреација да излеземе во паркот, да прошетаме низ нашите убави битолски улици, да уживаме во воздухот што го уживаме како мали и млади. Тоа за жал, веќе го нема . А што е со децата наши? До кога и каде? За жал, погледнете околу нас колку малку не има, зарем само нас ни треба воздухот. Треба да сме поактивни сите“, рече еден повозрасен битолчанец.
Блокадите предизвикаа вистински метеж во сообраќајот. Вработените од РЕК беа приморани да одат и да се враќаат од работа преку споредни патишта, а некои и пеш преку блокадата.