ПРВАТА ПРЕМИЕРА ВО СТОБИ ПРЕД 26 ГОДИНИ ЈА ИГРАВМЕ СО ЗМИИ И ГУШТЕРИ, ВЕЛАТ АКТЕРИТЕ ОД ВЕЛЕШКИ ТЕАТАР

    ПРВАТА ПРЕМИЕРА ВО СТОБИ ПРЕД 26 ГОДИНИ ЈА ИГРАВМЕ СО ЗМИИ И ГУШТЕРИ, ВЕЛАТ АКТЕРИТЕ ОД ВЕЛЕШКИ ТЕАТАРОд 1992, велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ изведе 24 претстави на археолошкиот локалитет Стоби (Фото: СДК.МК)

    Театарот во археолошкиот локалитет Стоби го оживеавме по две илјади години. Во првите денови таму друштво ни правеа змиите и гуштерите, а комарците останаа и до ден денес присутни, велат актерите на првата претстава одиграна во Стоби пред повеќе од четврт век. Повод за средбата беше дигитална изложба од сите 24 претстави подготвени на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ и изведени на Стоби, каде вечерва завршува 17. издание на Фестивалот на античка драма.

    „Кога летото 1992 отидовме во локалитетот Стоби и се втурнавме во една голема авантура, тоа беше како да се спуштаме со кајак по диви води без појас за спасување. Затоа што дотогаш не сме работеле претстава со антички текст, ниту на факултет сме учеле за таква поставка. Требаше да говориме стих, да толкуваме улога од антички период и да ја направиме прилагодена за ова време. Згора на тоа, непозната беше да се донесе публика таму, како таа ќе нè следи, како ќе нè прими“, се присетува актерката Слободанка Чичевска, чие име се јавува најчесто во сите одиграни претстави на велешкиот театар во Стоби.

    Актерот и директор на Велешки театар Младен Крстевски и актерката Слободанка Чичевска (Фото: СДК.МК)

    Четврт век локалитетот Стоби оживува преку летото, не преку посетителите туристи, туку од публика која толкав период ги гледа претставите со антички текстови. Еден помал дел исклучиво само како наменска претстава на велешки театар, а 17 години како Фестивал на античка драма. За почетоците и развојот на овој настан зборуваше и сегашниот директор на театарот Младен Крстевски.

    „Првата година кога отидовме на Стоби, тоа беше змијарник. Колегата Ордан Витанов работеше и кога до каменот каде беше покажува кон змија во клопче, тој воопшто не реагираше, се помести, а змијата замина. Потоа, неколку дена работевме околу монтажата на сцената и мислевме дека е некоја цевка, беше долга црна, третиот ден констатиравме дека е смок. Потоа немаше струја таму, па моли-коли и едвај наместија бандери и донесоа до античкиот театар на еден ден пред премиерата“, вели Крстевски.

    Ја потенцираше благодарноста за тогашниот директор Александар Ѓоргиев, кој го имал чувството да препознае дека таму може да се играат претстави и дал безрезервна поддршка. Велешките актери влегле со огромен ентузијазам, со огромна енергија, а публиката доаѓала во огромен број на премиерите. Очекувале стотина гледачи, а доаѓала река од народ.

    Така се случила и премиерата на „Електра“ на 27 јули 1992,  што е зачетник на сегашниот Фестивал на античка драма „Стоби“. Повикани од приемот на публиката, следната година на истиот локалитет беше поставена „Антигона“ од Софокле повторно во режија на Стојан Стојановски, со главна женска улога на Чичевска. Најмногу режии на антички текстови одиграни во овој простор имал Стојан Стојановски.

    „Со овие наши први чекори, можеби неуки, забележавме голем успех и подоцна се воспостави Фестивалот ‘Стоби’. И без оглед на временските услови, публиката остануваше да ја следи претставата. Голема е разликата помеѓу почетоците пред 2,5 децении и сега, тогаш немавме никакви услови. Тоа беше обрасната површина, на пробите имавме присуство на змии и гуштери, што ни даваше знак дека се присутни античките богови, па станавме имуни на нив. Започнувавме со проби во 9 часот навечер завршувавме во 2 и 3 по полноќ, искасани од комарци“, вели Чичевска.

    Досега, Велешкиот театар има одиграно 24 претстави на локалитетот Стоби и тоа „Електра“, „Антигона“, „Ојдип тиранин“, „Орест“, „Цар Едип“, „Медеја“, „Баханалии“, „Лисистрата“.  На Фестивалот се прикажани 80-тина претстави од Русија, Украина, Турција, Бугарија, Хрватска, Србија, Грција, Холандија, Црна Гора, Ерменија, Казахстан, Данска, Албанија, Босна и Херцеговина и Македонија.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира