Работиме во одделенија каде има и пациенти заболени од ковид-19, а веќе два месеца истечени ни се договорите за работа на определно време и не ни се обновени“, се пожали Натка Велевска, хигиеничар од Психијатриската болница во Демир Хисар. Триесет и четворица неодамнешни вработени во болницата на кои договорите за работа им истекоа на крајот на 2020, а секој ден продолжуваат со работа, денес излегоа на протести пред Психијатриската болница во Демир Хисар.
„Работиме од први јануари до денес без договори, а се справуваме и со пациенти со ковид-19 и тоа без плата и придонеси. Во болницата има десет пациенти со ковид-19. Си го ризикуваме животот барем да ни се реши статусот. Бараме договор да ни се даде и да ни се плати сработеното. Не знам како ќе опстанат без хигиеничари, зашто и тие се на прва борбена линија, како и болничарите“, рече Велевска.
На почетокот на февруари имаше директорска смена во болницата. Персоналот вели дека и новиот директор е известен за случајот, а претходната директорка им ветувала дека проблемот ќе се реши. Оваа група на вработени протестираше и пред неколку години поради тоа што не им беа продолжени договорите на дело, а потоа беа ангажирани со решенија на определно време, но сега повторно се без никакви договори.
„Работиме по 12 часа. Претходната директорка ни ветуваше дека ќе се реши нашиот проблем. Го чекаше мејлот, од Нов Зеланд да доаѓаше до сега ќе стигнеше. Година и шест месеци работевме на диво. Со колегата се оштетивме со солна киселина во очите, го оштетив и прстот и ништо не добив. Завршува и здравственото осигурување и сме оставени на цедило“, вели хигиеничарот Злате Настевски.
Од Министерството за здравство нѐ упатија за одговори да се јавиме кај директорот Стевче Ѓурковси. Тој, пак, рече дека патува за Скопје до Министерство за здравство за да се најде решение за проблемот. Стручната директорка на Психијатриската болница Валентина Талевска рече дека ваков тип на персонал на Психијатриската болница ѝ треба, дека тоа е регулирано и на лекарски колегиум и дека ја имаат поддршката, па се надеваат на итно решавање на проблемот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА