РАБОТИМЕ ПОЛНО РАБОТНО ВРЕМЕ, А ФИРМАТА НÈ ПРАЌА НА ПРИНУДЕН ОДМОР И БАРА ДА СИ ДАДЕМЕ ОТКАЗ, КАЖАА ТЕКСТИЛНИТЕ РАБОТНИЦИ НА ПРОТЕСТОТ ВО ШТИП

    РАБОТИМЕ ПОЛНО РАБОТНО ВРЕМЕ, А ФИРМАТА НÈ ПРАЌА НА ПРИНУДЕН ОДМОР И БАРА ДА СИ ДАДЕМЕ ОТКАЗ, КАЖАА ТЕКСТИЛНИТЕ РАБОТНИЦИ НА ПРОТЕСТОТ ВО ШТИПРаботниците велат и дека платата им била намалена за една четвртина (Фото: СДК.МК)

    Работниците од „Алкон текст“ во Штип протестираат поради неисплатени плати, упатување на принуден одмор и барања за своеволно поднесување отказ.

    „Без никаков основ, ми скратија 4.000 денари од последната плата, а имав полн работен месец. Ме пратија на принуден одмор. Кога прашав зошто е ова намалување, од фирмата ми рекоа дека нема пари, а конфекцијата работи“, кажа една од работничките на протестот.

    Нејзини колешки се револтирани од фактот што фирмата која ги пратила на принуден одмор ги обвинувала дека наводно работеле во други конфекции, па затоа треба да си дадат отказ.

    „Не ги послушавме, затоа што знаеме дека ако фирмата ни даде отказ, нема да ги изгубиме законските надоместоци и другите привилегии што ни следуваат“, кажаа на протестот.

    Конфекционерите кои протестираа имаа поддршка од невладини организации и асоцијации кои се борат за правата на текстилните работници. Претставник на фирмата рече дека раководството прави напори проблемот да се реши во најскоро време и сите работници да бидат исплатени и повторно вклучени во работниот процес.

    „Гласен текстилец“, кој ги застапува правата на работниците во конфекциите, вели дека ова не е прво ветување дека нешто ќе се смени во корист на работниците, но тие многу пати досега биле изманипулирани, па со личното давање откази останувале без плати и надоместоци што им следуваат.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира