РАБОТНИЦИ ОД ИНДИЈА И СРБИЈА ДОАЃААТ ВО БИТОЛСКИТЕ КОМПАНИИ, ПА НИ БЕГААТ, ВЕЛАТ СТОПАНСТВЕНИЦИТЕ

    РАБОТНИЦИ ОД ИНДИЈА И СРБИЈА ДОАЃААТ ВО БИТОЛСКИТЕ КОМПАНИИ, ПА НИ БЕГААТ, ВЕЛАТ СТОПАНСТВЕНИЦИТЕБитолските стопанственици денеска разговараа за проблемите со заменик-министерот за економија Марјан Ристески. (Фото: СДК.МК) на Регионалната стопанска комора во Битола

    Работници од Србија и Индија го надополнуваат недостатокот на работна рака во некои од битолските компании, но за нив овие работни места се само трансфер за понатаму и не се добива соодветен квалитет на работните места, рекоа битолските стопанственици на денешната средба со заменик-министерот за економија Марјан Ристески.

    „Пет-шест компании во Битола увезуваат работна рака, има од Индија, Србија. Но, искрено, се неквалитетни и сите брзо заминуваат. Ова им е како еден трансфер, доаѓаат и потоа ги нема. И тие што се тука, не се рационални, нити пак може да се оправда платата што ја земаат“, рече Мирко Велковски, претседател на Регионалната стопанска комора со седиште во Битола.

    Тој рече дека мора да се изнајдат соодветни начини за да се создадат домашни стручни кадри и тие да се задржат во битолското стопанство. Рече дека е важно да се зголеми економскиот раст, а со тоа и платите за да може и младите кадри кои заминале во странство да се привлечат да се вратат назад.

    „Имаме платформа што сега ја доставиваме до Владата, бараме начини како младите кадри кои се многу значајни за развој да ги задржиме и да ги вратиме дома. Таа платформа бара многу работа и интеграција на институциите и Владата, зашто со економски раст од 3 до 5 отсто не можеме да бидеме конкурентени со земјите од Регионот и ЕУ. Мора да се вложи и во образование, недостигаат образовани и стручни кадри. Голем дел од фирмите во Битола имаат преку 36.000 денари плата, но таа сепак е мала за работниците кои заминале странство да се вратат назад“, рече Велковски.

    Ристески рече дека преку Оперативната програма на Агенцијата за вработување финансиски поддржана од УНДП, од 2022  досега има вкупно 400 нови вработувања во стопанството и нови реализирани бизниси од областа на заштитата на животната средина. Рече дека кон крајот на февруари и почетокот на март ќе следуват други програми на кои ќе можат да конкурираат стопанствениците.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира