РАСЧИСТУВАЊЕТО НА КАРПИТЕ ОД ОДРОНОТ КАЈ ВЕЛЕС ЌЕ ТРАЕ СО ДЕНОВИ

    РАСЧИСТУВАЊЕТО НА КАРПИТЕ ОД ОДРОНОТ КАЈ ВЕЛЕС ЌЕ ТРАЕ СО ДЕНОВИЖелезничкиот сообраќај беше вратен во функција по помалку од 40 часа од одронот

    Одронот на карпите, што се случи кај мостот на Тополка на излезот од Велес, ќе се решава во две етапи, кажа професорот Милорад Јовановски, кој го посети местото заедно со претставник на ЈП за Државни патишта, во чија надлежност е одржувањето на регионалниот пат Велес-Градско.

    Патот е затрупан и затворен за сообраќај од пред седум дена. По разгледувањето на теренот, Јовановски посочи дека треба да се преземат трајни и привремени мерки.

    „Прво треба со секундарно минирање да се раздробат паднатите карпи и потоа да се расчистат, за да се оспособи патот за сообраќај. Таа активност треба да ја спроведе ЈП Македонија пат. Тоа е невозможно да се направи за ден-два, туку откако ќе се обезбеди лиценцирана фирма, ќе потрае неколку денови. За време на работењето, целосно треба да се забрани движење за пешаци, велосипедисти и за останати. Трајни мерки се методи кои се применуваат секаде во светот, како третирање на местото со прскав бетон и анкерисување, по што зоната целосно ќе се заштити“, изјави професорот Јовановски од Катедрата по геомеханика на Градежен факултет, кој дојде на барање од локалната власт.

    Трајната санација е скап проект и за негова реализација се потребни големи финансиски средства, според стручњаците, околу еден милион евра, оти треба да се заштити голема површина на камени блокови, кои се надвиснати над патот.

    Општина Велес, во меѓувреме, постави барикади на 50 метри над одронот и 50 метри под одронот. Целта е да се спречи секакво движење во тој дел, бидејќи нема гаранција дека локацијата е безбедна. Според проценките на стручни лциа, големата карпа е со тежина од околу 25 тони.

    Железничката пруга од средата доцна навечер е расчистена и по неа сообраќаат товарни и патнички возови. Одронот се случи во вторникот околу 8.30 часот. Голема среќа е што немаше жртви, оти патот е регионален и има голема фреквенција на сообраќај.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира