Раскинат е договорот за собирање смет од 1,2 милиони евра што минатата недела струмички „Комуналец“ го склучи со приватната фирма „Дасмак“. Градоначалникот на Струмица Коста Јаневски денеска соопшти дека договорот е раскинат спогодбено, без какви било правни последици за двете страни. Раскинувањето дојде откако јавноста остро реагираше, а пред три дена лично и градоначалникот побара договорот да се повлече бидејки бил несоодветен и можеле да се изнајдат други решенија за собирање на сметот од градот и населените места.
„Сакам да ја информирам јавноста дека договорот којшто ‘Комуналец’ го имаше склучено со одредена фирма за собирање смет денеска е раскинат и тоа спогодбено, со што ниту едната ниту другата страна нема да имаат правни последици од овој договор. И порано и сега сметам дека оваа реакција вроди со плод сè со цел за ваквите одлуки кои што ги интересираат нашите сограѓани и кои што се од голема важност за нив да се одвиваат потранспарентно со поширока дебата со поиздржани решенија“, рече градоначалникот Јаневски.
- СТРУМИЧКИ КОМУНАЛЕЦ ЗА 1,2 МИЛИОНИ ЕВРА АНГАЖИРАШЕ ПРИВАТНА ФИРМА ЗА СОБИРАЊЕ СМЕТ
- ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА СТРУМИЦА ЈАНЕВСКИ БАРА КОМУНАЛЕЦ ДА ГО ПОНИШТИ ДОГОВОРOT ЗА СОБИРАЊЕ СМЕТ ОД 1,2 МИЛИОНИ ЕВРА СО ПРИВАТНА ФИРМА
При крајот на ноември, по распишаниот јавен тендер преку Бирото за јавни набавки, струмички „Комуналец“ потпиша договор за ангажирање фирма по потреба за собирање смет од општината. Директорот на ова јавно претпријатие Зоран Георгиев тогаш рече дека договорот се склучува бидејки возниот парк на „Комуналец“ е истрошен, а е зголемен обемот на работа со оглед дека претпријатието оваа година почна организирано да го собира сметот од сите населени места во општината.
В. ТРАЈКОВ