Советниците од Левица во Советот на Град Скопје не гласаа за амандманот со кој со ребалансот на буџетот на ФК „Вардар“ му се додели помош од 250.000 евра. Но, гласаа за ребалансот сосе амандманите на крај бидејќи, како што велат, ако не се изгласал ќе се блокирал Градот.
Од советничката група на Левица реагираа на текстот на САКАМДАКАЖАМ.МК „ВМРО-ДПМНЕ со помош на Левица и ДУИ изгласа ребаланс со нивни амандмани, Арсовска вели ваков буџет ќе го блокира Градот и намерно се прави криза“,со обвинување дека „насловот на текстот е дезинформација и има тенденција да ја изманипулира јавноста“.
„Амандманите за кои станува збор во текстот и сите беа поднесени од страна на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија не беа гласани од страна на советничката група на Левица, особено не амандманот со архивско бројче 27-12855/2, со кој амандман, од буџетот на Градот, ненаменски се доделија 15.000.0000 денари на приватна фирма, правното лице, која раководи со ФК Вардар. Имено, токму овој амандман беше гласан од страна на советниците на ВМРО-ДПМНЕ и дел од советниците на СДСМ, поради чист популизам и манипулирање со чувствата на навивачите на ФК Вардар, најтрофејниот фудбалски клуб во земјава, кој потсетуваме дека, некаде во летниот период од 2021 година беше со посредство на тогашниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов, беше продаден на компанијата „Блу Скај инвесмент“ за што тогаш Шилегов на прес конференцијата тврдеше дека „успеале да обезбедат извесна иднина за клубот“, се вели во реакцијата од Левица и додаваат дека на седницата советникот Амар Мециновиќ на говорница кажал дека не се согласува со овој амандман.
Од Левица велат од вкупно 14 амандмани кои ги поднесоа ВМРО-ДПМНЕ советниците поддржале само еден амандман, кој се однесувал на меѓуопштинска соработка за реконструкција и санација на улица Фрањо Клуз во Општина Аеродром.
„Советниците на Левица го гласаа ребалсансот на буџетот, токму од причина што доколку истиот не се усвои ќе се блокира работата на градот. Амандманите се тие со кои се прави измена на интегралниот текст на ребалансот, но сите амандмани се усвоени од советниците на СДСМ и ДПМНЕ, очигледно тенденциозно, за да се блокира работата на Градот. Доколку не беа поднесени амандмани од страна на ДПМНЕ и доколку истите не беа усвоени со помош од СДСМ, немаше да се доведеме до ваква состојба. Исто така опција беше и градоначалничката, Данела Арсовска, доколку смета дека со усвоените амандмани ќе се блокира работењето на Градот, да ја повлече точката од дневен ред и со тоа изгласаните амандмани да станат неважечки, но таа, од за нас непознати причини, тоа не го стори“, велат од советничката група на Левица.