РЕЧИСИ ВО СИТЕ ШТИПСКИ УЧИЛИШТА ПО ЕДНО ОДДЕЛЕНИЕ Е ВО ИЗОЛАЦИЈА, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ВЕЛИ НЕМА ТРАНСМИСИЈА

    РЕЧИСИ ВО СИТЕ ШТИПСКИ УЧИЛИШТА ПО ЕДНО ОДДЕЛЕНИЕ Е ВО ИЗОЛАЦИЈА, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ВЕЛИ НЕМА ТРАНСМИСИЈАЗаразата и контактите со ковид позитивните биле во домашни услови а не во школите, вели штипскиот градоначалник д-р Сашко Николов (Фото: СДК.МК)

    Во три основни и исто толку средни училишта во Штип и Карбинци, најмалку по едно одделение е во изолација поради ковид позитивни лица и наставата се следи онлајн. Градоначалникот на Штип д-р Сашко Николов, кој е претседател на Кризниот штаб, смирува дека во училиштата засега нема трансмисија на болеста, а заразата и контактите со позитивните биле надвор од училиштата, односно дека се работи за контакти во домашни услови.

    Во основните училишта „Тошо Арсов“ и „Страшо Пинџур“ во Карбинци поради двајца позитивни ученици две одделенија се во изолација. Во ОУ „Славејко Арсов“ двајца ученици имале контакт со заболен па нивните одделенија од превентивен карактер се ставени во изолација. Во ОУ „ Ванчо Прќе“ еден наставник бил позитивен, немал контакти со учениците, но одделението сепак е ставено во изолација најмалку една недела. Во средните училишта „Коле Нехтенин“ и „Јане Сандански “ по еден ученик биле позитивни и нивните два класа се ставени во изолација. Превентивна изолација на еден клас поради контакт со позитивен е спроведена и во специјалното училиште „Искра “ во Штип.

    Според Марија Димитрова, раководителка на Центарот за јавно здравје во Штип, денеска ќе се тестираат неколку други ученици и наставници кои имале симптоми на ковид-19, а нивните резултати ќе бидат познати утре.

    Во модуларната болница се хоспитализирани 43 пациенти. По вчерашните два смртни случаи на пациенти кои не се од Штип, денеска состојбата е постабилна. Десет пациенти кои се сместени на Кожното одделение веќе се сметаат како оздравени и до крајот на неделата ќе бидат пуштени на домашно лекување. Од хоспитализираните, половината се на кислородна поддршка.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира