РЕК БИТОЛА СПРЕМА ДЕСУЛФУРИЗАЦИЈА ЗА ПОМАЛО ЗАГАДУВАЊЕ

    РЕК БИТОЛА СПРЕМА ДЕСУЛФУРИЗАЦИЈА ЗА ПОМАЛО ЗАГАДУВАЊЕДесулфуризацијата ќе биде само дел од повеќето активности кои менаџментот на ЕЛЕМ планира да ги преземе во следните години за комбинатот до 2023 да добие А интегрирана еколошка дозвола (Фото:СДК.МК)

    Енергетскиот стожер во Македонија, РЕК „Битола“ кој е причинител на големо загадување на животната средина во Битолско, се подготвува да почне процес на десулфуризација. Со овој проект се очекува во иднина да се намалат емисиите на сулфурен диоксид и на ПМ честичките во воздухот.

    Во комбинатот денес се одржа презентација на проект за десулфуризација од кинеската компанија „ЏЕТ Инк“. Десулфуризацијата ќе биде само дел од повеќето активности кои менаџментот на ЕЛЕМ планира да ги преземе во следните години за комбинатот до 2023 да добие А интегрирана еколошка дозвола.

    „Со проектот за десулфуризација, редовни ремонти на блоковите, правилно постапување при одлагањето на пепелта, ремонт на електростатските филтри, значително ќе се подобри квалитетот на воздухот и почвата во Битолско. Со овие проекти РЕК ќе добие А интегрирана елколошка дозвола. Постапката за добивање на оваа дозвола беше покрената во 2007 и требаше да биде имплементирана до 2012 година. Но, поради економската криза беше одложена до 2017 година. Претходното раководство не успеа тоа да го направи“, рече пратеникот Васко Ковачевски, кој беше присутен на средбата.

    Тој во Параламентот во изминатиот период во неколку наврати доставуваше амандмани за да се издвојат пари од државниот буџет и со нив да започне постапката за десулфуризација за РЕК. Но, претходната власт ги одбиваше со образложение дека нема пари.

    За десулфуризацијата и другите проекти властите планираат да обезбедат средства преку  домаќинско работење во ЕЛЕМ, од државниот буџет и преку европски фондови во вид на грантови или поволни кредити.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира