РЕНОВИРАНА И ОПРЕМЕНА СПОРТСКАТА САЛА ЗА ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТИ ВО БИТОЛА КАДЕ ТРЕНИРА И ТИМОТ НА СЛЕПИ ЛИЦА КОЈ Е ДРЖАВЕН ПРВАК

    РЕНОВИРАНА И ОПРЕМЕНА СПОРТСКАТА САЛА ЗА ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТИ ВО БИТОЛА КАДЕ ТРЕНИРА И ТИМОТ НА СЛЕПИ ЛИЦА КОЈ Е ДРЖАВЕН ПРВАКАјнур Османовски е член на шампионскиот Тим на слепи лица во Битола. (Фото: СДК.МК)

    Ајнур Османовски беше прогласен за најдобар дефанзивец во параолимписката игра голбал на меѓународното првенство што неодамна се одржа во Ниш, Србија каде учествуваа репрезентации од Балканот, а Македонија беше претставена со Тимот на слепи лица од Битола. Само неколку ден подоцна, овој тим стана државен првак на државното првенство во Македонија, натпреавурвајќи се со 12 екипи при што не претрпе ни еден пораз. Прваците тренираат во спортската сала во Центарот за социјални работи во Битола која денес беше пуштена во употреба по реновирањето и опремувањето со нова спортска опрема и реквизити.

    „Тренирам 21 година и за првпат го добивме ова прво место иако имаме многу освоени втори места и загубени финалиња. Тренираме во оваа сала двапати во неделата. Тренираме пред сè ориентација во простор зашто ни се врзани очите и не гледаме ништо. Ја тренираме мускулатура за да имаме подобар шут. Овој спорт за мене е многу значаен, место каде ние слепите можеме да се покажеме во најдобро светло. Ни значи како фудбалот и ракометот“, рече Османовски.

    Општина Битола вложи донација во опрема од 111.847 денари за да се подобарат можностите за спортско-рекреативни активности за лицата со поречености.

    „Со оваа донација се овозможува поддршка на лицата со телесна, визуелна попреченост и потешкотии во слухот и говорот, од аспект на обезбедување на услови за поттикнување и зголемување на нивната физичка и спортска активност на место каде ќе можат да се дружат и да рекреираат. Покрај оваа донација, со средства од Општината од Програмата за млади и спорт се направи реновирање на салата со бојадисување, стружење и лакирање на паркетот, со што во оваа сала значително се подобрени условите за тренирање“, рече градоначалникот Тони Коњановски.

    Во реновирањето на просториите сопствени средства вложи и советникот Борче Корлевски, кој подолго време му помага на Здружението на слепи лица од Битола.

    „Реконструкцијата ги опфати сите сегменти од таванскиот дел, електриката, подот, ѕидовите и останатите делови кои повеќе од три децении не беа реконструирани“, рече Корлевски.

    Само во Битола има над илјада лица со попречености кои ќе можат да ја користат реновираната и опремена спортска сала.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира