Патници од Ресен вчера до Скопје патувале со автобус осум часа и за 198 километри потрошиле третина ден, поради сообраќајната несреќа на патот. Тргнале во 13,10, а стигнале околу 21 часот. При патувањето се погодило делницата да ја минуваат за време на тешката сообраќајна несреќа во која загинаа две лица, 52-годишен битолчанец кој живеел во Гермнаија и 20-годишно момче од Охрид кое подоцна почина од повредите во Клиничката болница во Битола. Поради сообраќајката, регионалниот пат два и пол часа беше затворен за патници, па сообраќајот беше пренасочен на стариот пат Макази-Ѓавато.
Патниците велат дека два часа останале заглавени на стариот пат, кој е тесен, а и дека проблем биле дрвја испаднати на патот.
„Борови паднати на стариот пат Ѓавато-Макази не беа исчитени. Таму одвај со лесна кола слалом се вози поради дрвјата. По патот се пресретнаа автобус и шлепер и останаа заглавени. Дојде до расправии, за малку и до тепачки, па ги повикавме од ‘Македонија пат’ да расчистуваат“, велат патници од Ресен.
На патот излегле да чистат гранки и странски патници кои исто така минувале оттаму, за побрзо да се одблокира коловозот. Очевидци кажуваат дека македонските патници наместо да помогнат, снимале со телефони.
„На крај дојдоа од ‘Македонија пат’, со моторни пили па почнаа да го расчистуваат патот. Па, до кога овие ‘споредни’, стари патишта кои се многу важни при вакви итни случаи ќе останат отфрлени, наместо постојано да се чистат и колку-толку да бидат функционални?“, велат патниците од Ресен.
Од СВР Битола соопштија дека патниот правец А-3 Ресен-Битола на 18 август од 13,10 часот бил во целосен прекин два и пол часа за сите видови возила во двата правци, а сообраќајот бил пренасочен по стариот пат Ѓавато-Макази. Дури во 15,47 часот, сообраќајот по регионалниот пат започнл да се одвива по една коловозна лента со пропуштање на возила.
Од подружницата на „Македонија пат“ во Битола ни одговорија дека го одржуваат патот, но приоритет им е магистралата. Додаваат дека пролетта кастреле гранки на стариот пат. Појаснуваат дека добиваат нареби каде треба да интервенираат од Јавното претпријатие за Државни патишта, согласно димнамиката и планот за работа, па така и постапуваат.
Во лоша состојба со распукан асфалт, незакрпени дупки, на некои места и ископана стара коцка, е и поранешниот пат од Кажани за Ѓавато. Овие две споредни делници, ако редовно се одржуваат, може да бидат солидни решенија за пренасочување на сообраќајот кога е затворен главниот пат А-З од Битола за Ресен.
Ж. ЗДРАВКОВСКА