РЕТКАТА БИЛКА ВОДЕНИЧАРЧЕ ИСЧЕЗНУВА ОТИ СНЕМУВА ВОДА ВО ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО

    РЕТКАТА БИЛКА ВОДЕНИЧАРЧЕ ИСЧЕЗНУВА ОТИ СНЕМУВА ВОДА ВО ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРОВоденичарчето кај нас го има само во Преспа и е на Меѓународната црвена листа на загрозени видови. (Фото: СДК.МК)

    Критично загрозено е растението воденичарче (aldrovanda vesiculosa) со намалениот водостој на Преспанското Езеро. Се смета дека единствено таму се среќава на територијата на Македонија, а е и на Меѓународната црвена листа на загрозени видови (IUCN).

    Во Акцискиот план за спас на Преспанското Езеро подготвен од експерти кој Министерството за животна средина го достави до Владата, пишува дека неопходно е преземање на реставраторски мерки за критично загрозеното растение воденичарче. Понатаму, потребно е прецизно утврдување на ареалот со теренски активности, мапирање на површините каде што е дистрибуиран видот, пренесување на популации во објектот за ендемични и загрозени видови во Ботаничката градина при ПМФ и понатамошни обновувања на популациите во Еерото. За оваа активност предвидени се од 10 до 15.000 евра.

    Тоа што растението се нашло на Црвената листа покажува дека е меѓу растителните видови кои се соочуваат со висок ризик од глобално истребување и потребна од нивна заштита. Експертите досега во повеќе наврати посочија дека намалувањето на водата во Преспанското Езеро директно влијае врз живеалиштата и живиот свет.

    Воденичарчето се опишува како слободно лебдечко, осносно без корен, кое расте во езерски предели и потоци. Добро се развива во чиста, плитка вода низ која продира доволно светлина и ниско ниво на хранливи материи. Растението изгледа како да лебди во близина на површината на водата, честопати во мешавина со други растенија.

    Според истражувањата, воденичарчето е нетолерантно на загадување на водите, многу е чувствително и е меѓу растенијата први што исчезнуваат. Му смета намалувањето на нивото на водата и загадените отпадни води од домаќинствата и земјоделството. Овој вид растение е загрозено и во Бугарија, Себија, Црна Гора, Русија, Словачка, Украина, Полска, а веќе прогласено за исчезнато во Чешка, Германија, Франција и Италија.

    Воденичарчето е само дел од многуте загрозени видови кои се среќаваат во Преспа. Целото подрачје Преспа Парк претставува дом на ендемски видови на флората и фауната. Ова езеро е прогласено за споменик на природа од 2011 година. Се вбројува во едно од десетте најзначајни водни живеалишта во Медитеранот. Во Преспа се регистрирани 23 слатководни видови риби, 11 водоземци, 22 вида влечуги, над 29 видови цицачи, повеќе од 216 видови птици, 86 видови лишаи, 126 видови габи и околу 1.300 растенија. Езерото и околината немаат само регионално, туку и меѓународно значење, тие се жешка точка на биолошката разновидност.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира