Градежната инженерка Ангела Шишкин е родена во Битола, но живее во Скопје и во последните четири години секојдневно патува за Штип за работните задачи за изградба на браната на реката Отиња. Браната е во втората фаза од изградбата и се очекува да биде во функција во текот на 2027.
Според преоктот, предвидено е да се изгради камено-земјена брана со централно глинено јадро со висина од околу 33 метри. Ќе има опфат од 120 хектари и ќе се полни од целото сливно подрачје на Отиња, а околу неа ќе има и пешачка патека.
„Овие четири години се соживеав со првата брана кај Штип, единствената поголема општина во Македонија која нема своја акумулација, а според сите досегашни информации, овој проект е дамнешна желба на штипјани. Па така, лека-полека, браната стана и моја голема желба и сакам да бидам овде до нејзиното пуштање во функција“, вели Шишкин.
Според оваа млада магистерка по градежништво, височината на браната над теренот изнесува H-32,50 метри, а конструктивната височина или височината на браната над карпата е Hk-34,50 метри. Во моментов, сите придружни објекти се завршени, па во следниов период останува изведбата на главниот насип на браната.
„Во насипот се вградени посебни материјали за непропустливост на водата и целосна стабилност на ваков објект. Насипот е од песок и чакал низводно и камен на узводната страна. Секој материјал пред негово вградување детално се испитува и доколку ги задоволува пропишаните технички услови од самиот проект, истиот се експлоатира. Всушност, секој материјал, секој вграден слој повторно се проверува во нашата специјална теренска лабораторија, која е инсталирана во кругот на објектот“, вели Шишкин.
Таа додава дека во целост е завршена работата со неопходната инспекциона завеса која се ноѓа по осовината на браната и се протега по целата нејзина должина. Инсталирана е цела бариера од посебен материјал, со вбризгување на бентонит преку специјална механизација под голем притисок. Истата е испитана и е одлично изработена, со што e постигната нејзината намена.
„Опточната цевка, која е веќе изведена со заварени челични цевки кои се обложени со бетон, има за задача да ја евакуира водата за време на градењето на браната. Во текот на експлоатацијата, опточната цевка ќе се пренамени во темелен испуст, односно кај неговата излезна градба ќе постои траен хидротехнички објект за манипулирање со испуштање вода“, вели Шишкин.
Како дополнување на овој бедем на браната ќе биде и глината, за што во следниот период ќе започне изведбата со вградување на овие слоеви. Владата распиша тендер за обезбедување глина, што го доби фирмата „Стентон градба“, која веќе четири години со свои механизација, лабораторија, стручен кадар и човечки ресурски е присутна на местото каде што се гради браната.
Според проектот, браната треба да биде со капацитет од 3 милиони кубни метри вода. Треба да биде наполнета за шест месеци, но Шишкин смета дека со оглед на изменетите клима и хидрологија во последните години, кои се карактеризираат со повеќе сушни периоди, полнењето на браната временски може и да се удвои, што значи ќе бидат потребни можеби 12 месеци. Се очекува тоа да биде во текот на 2027 година.
„Сум читала и сум слушала дека Отиња знаела за време на поројни дождови да се излее од коритото и тоа долж целиот тек што се простира низ градот, сè до нејзиниот влив во Брегалница. Порано имало и поплави. Во време на едни такви временски неприлики, браната во иднина ќе биде регулатор и повеќе не би требало да се случуваат излевања и поплави, а со испуштањето на биолошкиот минимум, оваа акумулација за градот ќе биде фактор за посвежа клима, посебно во летниот период“, вели Шишкин, која досега има работено на неколку објекти кои се од високо значење за нашата држава.
Т. ЈОВАНОВСКИ
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА И ОВА:
СЛЕДЕТЕ ГО И НАШИОТ ОФИЦИЈАЛЕН ЈУТЈУБ КАНАЛ