„Сакаме библиотеки, а не казина“, „Казината не носат среќа туку факултетите“ , „Сакаме домови, а не казина“, „Лас ТетоВегас“ и со уште многу други пароли, неколку стотини тетовци денеска проетестираа против огромниот број казина кои се отворија во последниве неколку години во Тетово. Денешниот протест беше на булеварот Илинденска, пред објектот за кој протестантите рекоа дека во него ќе се отвори огромно казино.
Овој објект се наоѓа во непосредна близина на Државниот Универзитет во Тетово, Универзитетот на Југоисточна Европа, и средното Медицинско и Земјоделско училиште, а името на казиното требало да биде „Универзитети“, како што рече еден од протестантите.
„Ние граѓаните на Тетово, категорично сме против отварање на ова казино во нашата населба и за ова сме ги известиле и Министерството за економија, Министерството за еинансии, УЈП, МВР и Општина Тетово. И покрај сите ветувања од споменатите институции дека нема да дозволат градба на ова казино, поминаа 18 месеци и нема ништо од нивните ветувања. Казиното продолжува непречено да се гради. Затоа бараме институциите веднаш да ја спречат оваа девијантна појава во нашето општество. Во спротивно ние ќе продолжиме со протести и нема да дозволиме казината, кои како рак се шират во нашиот град, и понатаму да се градат“, беше речено од организаторите на овој протестен митинг, прв од ваков вид во Тетово.
Тетовци најмногу ги загружува тоа што вакви објекти се почесто се градат во близина на училиштата и факултетите. Сега во овој потесен реон работат три вакви казина и голем број спортски обложувалници.
„Ние подолго време сме против отварањето на казина во Тетово. Јас оваа појава би ја нарекол епидемија од казина“=. Казината се нешто навистина штетно за младите и децата и оваа состојба не е добра. Затоа, сите треба да и кажеме стоп на оваа епидемија бидејќи оваа појава не ме загружува само мене, туку нé загрижува сите нас“, изјави Љуљзим Муртезани, професор по психологија на Државниот универзитет во Тетово.
На протестот како поддршка беше и градоначалничката на Општина Тетово Теута Арифи со своите најблиски соработници.
„Против отварањето на ова казино во Општината имавме добиено една петиција. Ние ги проверивме фактите и утврдивме дека објектот ги има сите градежни дозволи но нема дозвола за дејност, односно да работи како казино, а во овој дел нашите инспекции немаат надлежност. Во тек е јавна расправа околу Законот за игри на среќа, а со тоа и ние како Совет на Општина Тетово се вклучивме со свои предлози. На последната седница на Советот донесовме една одлука со која побаравме во Законот да стои, наместо на најмалку 100 метри од училишта, казината да бидат оддалечени најмалку 300 метри од сите јавни институции и од центрите на градот, а побаравме и поголеми ингеренции во врска со отварањето на објекти за игри на среќа да им се дадат и на општините. Затоа, денес сме тука и сметаме дека заедно со ваквите иницијативи ќе успееме да ги направиме тие законски промени“, рече Арифи.
Објектите за игри на среќа се отвораат врз основа на одлука на Министерството за финансии и Законот за игри на среќа, а според некои неофицијални проценки, во градот има околу 140 спортски обложувалници и околу триесетина казина.
З. АНДОНОВ