Осум години споменикот-дивоградба на Мајка Тереза го блокира влезот на Плоштадот Македонија, а Владата на СДСМ која жестоко го критикуваше проектот „Скопје 2014“ додека беше на власт осум години, не го чепна. Споменикот кој почна да се гради во времето на експремиерот Никола Груевски прекршува низа закони, но и покрај тоа не се најде желба и волја кај власта на СДСМ да го отстрани и да го ослободи овој јавен простор, кој и така е затрупан со споменици и градби.
Од Министерството за култура, иако изминативе години имаше најави дека ќе се бара решение за бетонската дивоградба преку распишување на конкурс за негова пренамена, сега велат дека ништо не се презело оти имало судски спорови со изведувачот.
„Судскиот спор помеѓу Министерството за култура со фирмата изведувач, која е во стечај, како и скоро сите фирми кои работеа на објектите од ‘Скопје 2014‘, сѐ уште трае. Тоа го комплицираше преземањето на какви било други понатамошни дејствија врз скулптурална композиција на Мајка Тереза. Немањето правен основ за понатамошно постапување го пролонгираше и објавувањето на Конкурсот за ново идејно решение и намена за градбата на објектот“, велат од Министерството за култура.
За објектите од „Скопје 2014“, меѓу кои е и споменикот на Мајка Тереза, Владата на СДСМ по доаѓањето на власт во 2017 формираше работна група. Работната група во извештајот кажа дека оваа бетонска дивоградба треба веднаш да се урне затоа што освен што прекршува низа закони, ја загрозува и безбедноста на централниот Плоштад во земјава.
Но, Владата не го послуша мислењето на стручната јавност и најави дека ќе распише конкурс за идејно решение за доградба на споменикот оти помалку пари ќе се потрошат отколку за уривање. На оваа идеја реагираше стручната јавност, па и тогашниот градоначалник Петре Шилегов, кои рекоа дека ако се распише конкурс ќе го затрупаат Министерството за култура со решенија за уривање на дивоградбата.
Споменикот на Мајка Тереза беше најавен како донација на фирмата „Сахара Индија“, сопственост на контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој. Тој заедно со тогашниот премиер Никола Груевски во јануари 2013 го најавија проектот отворајќи ја спомен-плочата на Мајка Тереза на Плоштадот Македонија, на местото каде ќе се гради споменикот. Откако Рој отиде в затвор оти не платил оштета на измамени инвеститори во Индија, Владата на Груевски преку Министерството за култура и тогашната министерка Елизабета Канческа-Милевска го презеде проектот. Официјалниот старт на градежните работи беше во октомври 2015, а вредноста на договорот за негова изградба е 5,5, милиони евра.
А. АНТЕВСКА