СДСМ И ДУИ СЕ СКАРАА ЗА РАБОТНИ МЕСТА ВО ОПШТИНА КУМАНОВО

    СДСМ И ДУИ СЕ СКАРАА ЗА РАБОТНИ МЕСТА ВО ОПШТИНА КУМАНОВО

    Коалиционите партнери во советот на општина Куманово, СДСМ и ДУИ, се скараа поради новите вработувања во Општина Куманово. Несогласувањата се однесуваа за новите работни места и за унапредување на некои од веќе вработените, кои што ги побаралo ДУИ, а не ги прифатиле нивните коалициони партнери СДСМ.

    Советниците на ДУИ денеска ја напуштија седницата и се заканија дека нема да се вратат во Советот додека не се повлече Планот за вработување, со кој треба да се вработат 31 Македонец, 12 Албанци и 5 Роми. За предлогот гласаа советниците на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ГРОМ, воздржани беа ВМРО-НП и ДПСМ, додека против беа партиите на Албанците: ДУИ, ДПА и РДК.

    „Советничката група на ДУИ во знак на револт ќе ја напушта денешната седница и нема да учествува на наредните седници, додека 12. точка не се поправи врз основа на забелешките што ги имавме предходно. Ако не се предложи истата точка наредната седница со измените предложени од наша страна, ние нема да учествуваме во работата на Советот“, рече пред советниците Ридван Асани, координатор на ДУИ Куманово.
    Од СДСМ велат дека тоа е нормална работа да има одредени несогласувања со коалиционите партнери, бидејќи секој има свој став по одредени прашања и дека тие ќе се надминат и соработката ќе продолжи.

    Во општина Куманово има 200 вработени од тоа: 137 Македонци, 31 Албанец, 26 Срби, 1 Ром и 5 од останатите националности.
    Во Советот на општина Куманово коалицијата на СДСМ има 12 советника исто колку и коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ 4, ДПА 2, РДК 1, ГРОМ 1 и една советничка дејствува независно.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира