СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ СЕ СКАРАА КАКО ДА СЕ ГРЕЕ ГРАДИНКА ВО БИТОЛА И КОЈ ТРЕБА ДА ГО ПОПРАВИ ДЕФЕКТОТ

    СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ СЕ СКАРАА КАКО ДА СЕ ГРЕЕ ГРАДИНКА ВО БИТОЛА И КОЈ ТРЕБА ДА ГО ПОПРАВИ ДЕФЕКТОТГрадоначалникот Коњановски и директорката Тфирст- Митровска при увид во градинката лани во ноември. (Фото: СДК.МК)

    Општина Битола и детската градинка „Естреја Овадија Мара“ не можат да најдат заедничко решение за проблемот со загревање на градинката „Колибри“ во населбата Стрелиште, каде делови користи и подрачното училиште „Тодор Ангелевски“.  Локалната власт е преводена од ВМРО-ДПМНЕ, а директорката на градинката е назначена во времето на СДСМ. Од Општината обвинуваат дека градинката ќе го исклучи парното во своите простории и ќе постави клима уреди за греење. Од градинката велат дека има дефект во системот за затоплување на парно греење кој треба да го санира Општината, но тоа не го прави.

    Од Општина Битола преку писмено соопштение обвинија дека директорката на градинката „Естреја Овадија Мара“, чиј клон е „Колибри“ одбива да го реши проблемот со греењето и покрај пренесениот вишок на финансиски средства од 30 милиони денари, кој веќе 3 години останува неискористен за реконструкција и одржување. Уште во ноември минатата година градоначалникот Тони Коњановски и стручните екипи од Општината договориле со градинката тие да овозможат техничка подготовка на документација, а градинката да ја спроведе постапката. .

    „Иако предлогот беше прифатен од директорката, таа не само што не ја спроведе постапката, туку и најави исклучување на парното греење во објектот, а просториите во градинката планира да ги затоплува со клима уреди кои ќе бидат поставени деновиве. Со ова ќе го прекине греењето за учениците. Градоначалникот веќе презеде мерки со кои Општината ќе пристапи кон реализација на инвестицискиот проект“, пишува во соопштението.

    Директорката на градинката Лидија Тфирст – Митровска испрати демант во кој се вели дека наменската сметка на установата има пренесен вишок, но строго наменски средства за проширување на капацитетите на градинката, а не за одржување на објект во надлежност на Општината.

    „Не знаеме од кои причини Општината не сака да го санира дефектот во објект кој е под надлежност на Општина Битола. Јавно е достапна информацијата на Бирото за јавни набавки дека Општината има договор со економски оператор за одржување на системите за греење под надлежност на Општината како што е и овој објект“, пишува во демантот од директорката Тфирст – Митровска.

    Таа додава дека установата спровела постапка за јавна набавка на квалитетни инвертер клима- уреди за загревање на објектот и тие за кратко ќе бидат поставени.

    Несогласувањата меѓу двете установи настанаа по промената на локалната власт во Битола, кога Министерството за труд и социјална ѝ ги одзеде ингеренции на Општината врз најголемата битолска градинка „Естреја Овадија-Мара“. Пред тоа мнозинството во Советот од ВМРО-ДПМНЕ не изгласа член на Управен одбор на градинката, програмата за работа, годишниот извештај и завршната сметка со позитивно салдо.

    Ж.ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира