СÉ Е ПОСКАПО ОД ЛАНИ, АМА ВО ТЕТОВО ОБИЧАЈОТ ЗА КУРБАН БАЈРАМ МОРА ДА СЕ ЗАПАЗИ

    СÉ Е ПОСКАПО ОД ЛАНИ, АМА ВО ТЕТОВО ОБИЧАЈОТ ЗА КУРБАН БАЈРАМ МОРА ДА СЕ ЗАПАЗИПродавачите на добиток за Курбан бајрам во Тетово се жалат дека поради повисоките цени слаба е продажбата. (Фото: СДК.МК)

    Просторот веднаш до градскиот стадион во Тетово последниве три денa е претворен во сточен пазар. Десетина сточари од Тетово и околните села продаваат овци, кози и крупен добиток, пред сè крави и волови. Вака е секоја година во пресрет на големиот муслимански празник Курбан бајрам но, за разлика од минатите години кога во овие денови пред празникот имаше голем број продавачи на добиток, сега нивниот број е многу мал. Велат, немаштијата и високите цени се одразија и овде и многу е намален бројот на оние што продаваат, а посебно на оние што купуваат.

    „Оваа година сé поскапе па и ние моравме да ги дигнеме цените. Ако оваа овца лани чинеше 100 до 120 евра, сега цената е од 140 до 150 евра. Купувачи и има и нема. За тој што има пари не е проблем и повеќе да даде, но тој што нема пари се мисли, се ценка и за едно евро. И по ланска цена да ги даваме овците пак народот нема пари да купи. Јас донесов 20 овци за продавање, но успеав да продадам само 5. Тоа кажува колку е голема кризата кај народот и затоа годинава и нема многу од тие што продаваат, а уште помалку има од тие што купуваат“, вели Бесар од тетовското село Џермо.

    „Други години пазарот бил полн и од тие што продаваат и од тие што купуваат. Сега гледај, празно е. Моравме цените да ги подигнеме за 20 до 30 евра по овца. Овој овен капиталец го продавам за 300 евра, но тешко може да најдам кој да го купи. Го гледаат, се ценкаат, но пак немаат пари толку да дадат, а јас не сакам да го дадам за евтина цена“, вели Ружди од село Селце.

    „Повеќе од 20 години продавам овци за Курбан бајрам, но никогаш не било вака тешко. Минатите години, посебно оние пред короната, и по 20 и 30 овци сум продавал, а сега речиси ништо. Најверојатно ова ќе ми биде последна година како продавам“, се жали Осман од село Џермо.

    Овие продавачи на добиток велат дека имале проблеми и со полицијата која ги опоменувала дека на ова место не смеат да продаваат добиток, бидејќи неговата намена не е за тоа.

    „Општината не ни одредува место каде да продаваме, а полицијата нè брка од овде. Што да правиме ние? Каде да продаваме? Мора Општината да ни најде соодветно место барем само да овие два- три дена кога и се продава добитокот пред празникот Курбан бајрам“, револтирано зборува Бесник од село Желино.

    Според муслиманските обичаи, во чест на Курбан бајрам секое семејство мора да купи и да заколе овца, овен, коза, крава или бик, според своите финансиски можности. Месото од закланото животно, односно курбанот, се дели на три дела, дел се дава на блиските роднини и пријатели, дел на сиромашните, а еден дел останува во семејството.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира