СЕ ГРАДИ ЗАШТИТЕН ЅИД НА ОБИКОЛНИЦАТА НАД БИТОЛА

    СЕ ГРАДИ ЗАШТИТЕН ЅИД НА ОБИКОЛНИЦАТА НАД БИТОЛАДелницата на која е предвидено да се постават бариерите започнува пред почетокот на мостот до влезот на тунелот. - (Фото: СДК.МК)

    Почна изградбата на заштитен ѕид на обиколницата над Битола која е дел од регионалниот пат Прилеп-Ресен , а минува низ дивата ромска населба.

    „Се работи на терен. Јавното претпријатие за државни патишта изработи проектна документација за заштитна ограда на обиколница Битола и од вкупната должина на обиколницата од осум километри констатира дека има потреба за поставување на бариери на еден дел од обиколницата во должина од повеќе од еден километар. Со поставувањето на звукозаштитни и заштитни бариери ќе се обезбеди сигурно и безбедно одвивање на сообраќајот на овој потег“, вели Валентин Груевски, претседател на Советот на Општина Битола.

    Овој проект ќе овозможи поголема безбедност и заштита на учесниците во сообраќајот, како на возачите, така и на пешаците. Досега често се случуваше, поради непосредната близина на објектите од дивата населба, возрасни, а и деца да минуваат низ обиколницата каде се возеше брзо. Воедно жителите од тој регион го палеа ѓубрето на сред обиколница протестирајќи зошто немаат струја, па камионите и другите возила мораа да минуваат низ градот.

    Делницата на која е предвидено да се постават бариерите започнува пред почетокот на мостот до влезот на тунелот со тоа што на крајните делови ќе се постават ѕидови за да се спречи и поминување на пешаци. Ќе се обезбеди не само сигурност за жителите од тој реон, туку и звучна изолација поради прекумерна бучава до патот. Бариерата се предвидува да биде од бетон и гума.

    „Ситуацијата е осетлива затоа што транзитираат возила кои се движат со голема брзина, а има мали деца од населбата кои се движат низ патот, потенцијална опасност постои. Со Агенцијата за државни патишта и со дел од ромските здруженија беше разговарано да се направат тие ѕидови како мерка за безбедност“, рече градоначалничката Наташа Петровска при најавата на проеkтот уште минатата година.

    Ж.ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира