СЕ ИЗВИНИ ГОВОРНИКОТ КОЈ ПОВИКА НА ЏИХАД НА САБОТНИОТ ПРОТЕСТ ВО ВЕЛЕС, НЕ ГО МИСЛЕЛ ТОА ШТО ГО КАЖАЛ

    СЕ ИЗВИНИ ГОВОРНИКОТ КОЈ ПОВИКА НА ЏИХАД НА САБОТНИОТ ПРОТЕСТ ВО ВЕЛЕС, НЕ ГО МИСЛЕЛ ТОА ШТО ГО КАЖАЛПричина за саботниот мирен протест пред Црната џамија во Велес е што лице од Штип упатило погрдни зборови кон Алах. (Фото: СДК.МК)

    Фрат Мемедовски денес застана пред велешката Фазли Ахмет пашина џамија, кај велешани позната како Црна џамија, и се извини за кажаното во саботата на мирниот протест на дел од муслиманските верници од Велес. Читајќи од мобилен телефон, тој рече дека бил и погрешно разбран оти не го знаел добро македонскиот јазик. Според видеоматеријалот кој беше проследен на социјалните мрежи, причина за протестот е што лице од Штип упатило погрдни зборови кон Алах. Видеоматеријалот кој беше достапен до синоќа е избришан од Фејсбук.

    Според видеото, првиот од двајцата говорници посочи дека тие се повредени од кажаното и бараат надлежните државни институции да преземат мерки за санкционирање на говорот на омраза кажан од штипјанецот.
    „Имаме добар соживот во Велес и сакаме да продолжиме, но бараме лицето што ги кажа тие зборови, да биде казнето“, кажа првиот говорник.

    Вториот говорник, кој присутните го идентификуваа како Фрат Мемедовски, повика на света војна- џихад, ако ваквата навреда кон Алах се повтори.

    „Ако ова се повтори уште еднаш, ние ќе војуваме со тие луѓе што го кажуваат. Законот во Куранот (светата книга на муслиманите), кажува правете Џихат во името на Алах. Ние муслиманите ќе се кренеме и ќе решаваме на радикален начин Не се плашиме од никого“ – рече Фрат Мемедовски во саботата попладне, на мировниот протест пред Фазли Ахмет Пашина Џамија во Велес.

    Мемедовски денеска се извини и кажа дека не го мислел тоа што го кажал.

    „Сакам да се извинам на градот Велес за моето обраќање, бидејќи тоа што го кажав не го мислев. Мојот македонски јазик не е доволно усовршен, бев возбуден и поради тоа моите зборови се разбраа на начин кој и јас самиот не го оправдувам. Исламската вера и муслиманите никогаш не повикуваат на безредие и анархизам, туку повикуваат на соживот со комшиите и со останатите вери и нации. Се извинувам до македонската јавност“, рече Мемедовски.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари