СЕ КОНЗЕРВИРА И РЕСТАВРИРА РАНОХРИСТИЈАНСКАТА БАЗИЛИКА КАЈ СВЕТИ ЕРАЗМО ВО ОХРИД

    СЕ КОНЗЕРВИРА И РЕСТАВРИРА РАНОХРИСТИЈАНСКАТА БАЗИЛИКА КАЈ СВЕТИ ЕРАЗМО ВО ОХРИДБазиликата кај Свети Еразмо е откриена пред 50-тина години, но ова е прва конзервација на мозиците. (Фото: СДК.МК)

    Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј од Охрид го реализира проектот за целосна конзервација, реставрација и презентација на ранохристијанската базилика кај Свети Еразмо која датира од IV-V век. Директорот на Завод и Музеј-Охрид, Мишко Тутковски вели дека градбата и мозаиците се многу раскошни и заслужуваат добра презентација пред публиката.

    „Базиликата кај Свети Еразмо која е откриена пред 50-тина години, откриени се околу 200 квадратни метри мозаици во неколку простории од таа базилика, за жал во сите изминати децении не добиле соодветен третман, ниту е извршена конзервација на градбата ниту на мозаиците, ниту соодветно е документирана и презентирана пред јавноста. Она што ние го започнавме оваа година и кое може да трае со години е почеток на еден проект за целосна конзервација реставрација и презентација на таа базилика. Секако ќе се одвива во многу фази, ќе треба изработка на повеќе проекти, за конзервација на архитектурата, на мозаиците, поставување на покривни-заштитни конструкции кои од една страна ќе овозможат добра заштита за мозаиците, а од друга страна еден убав начин за презентација пред посетителите“, вели Тутковски.

    Во првата фаза на реализација на проектот извршено е расчистување на просторот со што ќе се овозможат услови за спроведување на конзерваторски истражувања и изработка на Елаборат за поставување на кровна конструкција над целата базилика.

    „Целта за поставувањето на настрешницата е од далечина да се долови архитектонското здание кое постоло некогаш на тоа место со неговата висина и отменост за да може да се долови габаритот на објектот, неговите димензии и раскошност кои се симбол на едно време, едно постоење, една култура која ние денес треба да ја негуваме и да ја пренесеме на идните генерации“, вели раководителот на проектот Анита Танеска, виш конзерватор за архитектура од Завод и Музеј-Охрид.

    На локалитетот се вршени археолошки истражувања во 1974-1975 од стручните лица при Завод за заштита на спомениците на културата и Народен музеј-Охрид, познатиот археолог и конзерватор Владо Маленко и архитектот и долгододишен познавач на заштитата Тодор Паскали.

    „Проектот ќе се реализира согласно документацијата која ја поседуваме во Институцијата од страна на стручните лица во тоа време кои имаат оставено многубројни нацрт планови, идејни решенија, пресметки и анализи, за тоа како би изгледала или како некогаш изгледала ранохристијанската базилика Св. Еразмо“, додава Танеска.

    Споменикот на културата, локалитетот ранохристијанска базилика „Св. Еразмо“ во Охрид, е трикорабна базилика со простран атриум со двориште и кружен базен во средината.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира