Во Битола пристигнаа и се монтираат објектите од модуларниот Ковид-центар.
„Почнавме со поставување и монтажа, па следува опремување со мебел и апарати. Паралелно течат и подготовките за поставување на централен довод на кислород. Со модуларната болница во догледно време ќе имаме подобри услови за лекување на пациентите и за работа на медицинскиот кадар. Модуларната болница, опремата и апаратурата трајно ќе останат во Битола за потребите на пациентите од градот и регионот“, рече директорката на Битолската болница Билјана Гагачовска.
Во предвидениот рок од три недели, Општина Битола и битолските јавни претпријатија беа активно вклучени во расчистување и рамнење на теренот, по што беше поставен канализационен и водоводен систем.
На овие активности им претходеше вонредната седница на Советот на Општина Битола, одржана на иницијатива на градоначалничката Наташа Петровска, на која едногласно, од страна на советниците, беше донесена Одлука за донација на 40.000 евра од општинскиот буџет во вид на услуги и добра на ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола за изградба на модуларна градба за вршење на здравствена дејност – Ковид-центар.
Модуларниот Ковид-центар во Битола го градат Министерството за здравство и Општина Битола, а се состои од три модуларни градби, од кои две наменети за интегриран тријажен центар со стационар и една модуларна градба со независен тријажен центар.
Во однос на состојбата на новозаболени од ковид-19, од ден на ден се намалува бројот на хоспитализации на Инфективното одделение во Битола, во моментов тој број изнесува 30 пациенти, а пред месец и половина имаше над 80.
Ж. ЗДРАВКОВСКА