СЕ НАМАЛУВА БРОЈОТ НА ВЕЛЕШАНИ КАСНАТИ ОД КУЧЕ, 10 ЗАЛОВЕНИ КУЧИЊА СЕ ВДОМЕНИ ВО АНГЛИЈА

    СЕ НАМАЛУВА БРОЈОТ НА ВЕЛЕШАНИ КАСНАТИ ОД КУЧЕ, 10 ЗАЛОВЕНИ КУЧИЊА СЕ ВДОМЕНИ ВО АНГЛИЈАВо последните девет месеци, имало 39 напади од кучиња во градот (Фото: СДК.МК)

    Се намалува бројот на напади на кучиња врз велешани, велат од локалната власт, а со тоа и на доставени пријави за барање надомест.

    „Изминатите два месеци, септември и октомври, има далеку помал број на граѓани кои се каснати од куче и бараат надомест со спогодба“, изјави градоначалникот Аце Коцевски.

    Тој информираше дека согласно договорот за контрола на бездомните кучиња со стационарот „Гиовски ТИМ“, од март до септември таму се третирани 100 кучиња. По целокупниот третман, кучињата се вратени на местото на заловувањето, согласно законските прописи. Од заловените кучиња, 25 се вдомени, десет од нив во Англија, само едно куче е евтаназирано, и тоа поради болест.

    Вкупниот број на каснати велешани кои побарале помош во Инфективното одделение при ЈЗУ Општа болница Велес за десетте месеци од годинава е 39 лица. За септември и октомври бројките се далеку помали во споредба со претходните тримесечја одделено. Ако секој од нив бара надомест, локалната власт годинава ќе плати најмалку 40.000 евра за напади на кучиња. Нема податок колку кучиња скитници шетаат по велешките улици. Но, затоа од Здружението за заштита на животните велат дека има кучиња кои се носат од други градови.

    „Ги знаеме бездомните кучиња во градот, се грижиме за нив, ги храниме и лекуваме и тврдам дека има кучиња кои за нас се непознати и се од друг град. Тоа што се зборува е точно, дека со комбиња од други градови се носат во Велес“, вели Меги Ѓоргиева од Здружението „Гласот на животните“.

    Посочуваат пример на сограѓанин кој со автомобил ќе настрадал, откако комбе во движење пред него исфрлило десетина кучиња на клучката кај Штип и Скопје.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира