СЕ РАСЧИСТУВА ОПОЖАРЕНИОТ ПОЈАС ОКОЛУ ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ, ПОШУМУВАЊЕТО ДОГОДИНА

    СЕ РАСЧИСТУВА ОПОЖАРЕНИОТ ПОЈАС ОКОЛУ ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ, ПОШУМУВАЊЕТО ДОГОДИНАГодинава се расчистува површина од 25 хектари од опожарените 169, а се пошумува кај селото Кумарино (Фото: СДК.МК)

    Речиси еден месец се одвива расчистувањето на опожарените површини околу езерото Младост. Ова е прва фаза од санацијата на штетите од големиот пожар, кој на 26 август ја зафати околината на Велес, при што изгореа 409 хектари, од кои 169 под шума со црн бор. Предвидено е до крајот на годината да се исчистат 25 хектари, а најавеното пошумување е одложено за до година.

    „Се работи за голема површина од околу 170 хектари. Ова е опсежна операција, која бара внимание и поголема стручност. Ако сѐ биде во ред, според проекциите, до крајот на годинава ќе биде обработена површина од 25 хектари спремна за пошумување. За да не бидеме оскудни со кислород, решивме да пошумуваме во близина, надвор од пожариштето, затоа што не можевме да стигнеме со чистење на толку големи површини. На граѓаните им ветивме дека ќе пошумиме 25 хектари и во тек е пошумувањето, меѓутоа не на езерото Младост, туку во атарот на селото Кумарино, кое е на два километра воздушно од опожарената површина“, изјави Љубенка Попова, раководителката на „Бабуна“, ПЕ на ЈП „Македонски шуми“.

    На оваа површина се засадуваат чемпрес и багрем. Таа објасни дека наспроти неколкуте најави за почеток на расчистување на теренот уште во септември, доста време одзела постапката за добивање на т.н. „вонредна сеча“ и штом го добиле одобрението, со работа започнале на 5 ноември.

    „Штом решението беше потпишано од страна на повеќе субјекти, веднаш е почнато со активно и забрзано расчистување на пожариштата. Донесена е соодветна механизација за отстранување и утовар на дебелите стебла, кои се проблем за сечење. На терен остануваат голем број гранки. Досега во Македонија немало ваков случај на расчистување. Затоа е ангажирана специјализирана механизација за расчистување на отпадокот од стеблата. За да се изврши пошумувањето, потребно е теренот да биде исчистен во целост, и од стебла и од гранки“, дополни Попова.

    Во тек е таа втора фаза од расчистувањето, собирање на гранките и отпадокот, за што биле потребни големи машини, по што ќе се пристапи кон браздење на теренот и потоа пошумувањето. Кај селото Кумарино досега биле подготвени 20 од 25-те хектари, а пет хектари биле засадени со чемпрес и багрем. Изгорените стебла завршуваат во фабриката за квас во Битола.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира