СЕ РАСИПА ВОЗОТ ЗА КОЧАНИ, ОД МАКЕДОНСКИ ЖЕЛЕЗНИЦИ ВЕЛАТ ДЕКА МОЖЕБИ ЌЕ ТРГНЕ ПОПЛАДНЕВО

    СЕ РАСИПА ВОЗОТ ЗА КОЧАНИ, ОД МАКЕДОНСКИ ЖЕЛЕЗНИЦИ ВЕЛАТ ДЕКА МОЖЕБИ ЌЕ ТРГНЕ ПОПЛАДНЕВОСообраќајот не се одвива поради технички причини, информираа од МЖ транспорт (Фото: СДК.МК)

    Патничкиот воз за Кочани ниту тргна, ниту стигна. Вчера попладне тој требаше да појде во 16,40 за Скопје, а утрово за Кочани во пет часот, но го немаше. Попусто патниците чекаа на железничката станица во Велес, превоз немаше.

    „Утрово требаше во 7 часот да појдам за Скопје на лекар, прегледот ми беше во 9 часот, но воз немаше. Ни кажаа дека нема да дојде, па морав да одам со автобус до Скопје. Тоа е далеку поскапа можност, место 180 денари со воз, ќе платам 300“, кажа една велешанка.

    Железничарите тврдат дека возот се расипал, а немало замена.

    „Патничкиот воз не појде од технички причини. Работиме да овозможиме возот да сообраќа попладнево, откако беше обезбедена локомотива“, информираа од МЖ Транспорт, дополнувајќи дека во случај на нов дефект, можно е некоја патничка линија да биде стопирана.

    Македонски железници имаат проблем со дотраениот возен парк, и на вагони и на локомотиви. Поради тоа, експресниот воз „Пелагонија“ на релацијата Скопје-Битола и обратно не сообраќа од 5 август. Иако пред некоја година се набавија шест патнички гарнитури од Кина, тие се премалку да ги задоволат потребите на сите железнички линии во земјава. Минатата седмица од Кина стигна нова електрична локомотива, а до крајот на годината треба да стигнат уште три.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари