СЕ РАСПАЃА МОСТОТ НА ВЕЛИЈА РАМКОВСКИ ВО ОХРИД

    СЕ РАСПАЃА МОСТОТ НА ВЕЛИЈА РАМКОВСКИ ВО ОХРИДМостот беше изграден пред околу една деценија, а него најмногу го користат жителите на рибарската населба Канео. (Фото: СДК.МК)

    Мостот на желбите, кој што го поврзува Канео со делот кај црквата „Света Софија“ во Охрид, се распаѓа. Од дрвената конструкција испаднати се талпи на ивиците на мостот, а на самата патека има големи пукнатини и штрчат клинци и железа. Оваа најбрза копнена врска на жителите од Канео со Чаршијата е донација на бизнисменот Велија Рамковски.

    Бившиот градоначалник на Охрид Никола Бакрачески пред неколку години сакаше да го урне мостот, но на тоа се спротивставија жители од Канео и претставници на невладини организации. Револтот беше силен, па Бакрачески се откажа од намерата. Тој тогаш велеше дека мостот е дивоградба. Но ниту го урна, ниту изгради нова пешачка патека од Канео до „Света Софија”.

    „Во зависност од проектот ќе ја знаеме дефинитивната судбина на мостот на желбите. Мостот на желбите е изграден без основен проект и за него пред да се почне со градба не се изјасниле експерти во делот на архитектурата и градежништвото ниту дале свое мислење или изработиле основен проект врз кој што може да биде изграден. Овој мост е потполно небезбеден за пешаците кои што минуваат по него. Ние во овој период се надеваме дека ќе успееме во соработка со стручни лица да извршиме некои корекции во насока на подобрување на безбедноста на овој мост се до конечна реализација на проектот за комплетна пешачка патека од пристаниште до Канео“, кажа пред четири години Бакрачески.

    „Овој мост беше донација на бизнисменот Велија Рамковски. Оштетувањата на конструкцијата предизвикани од брановите ги поправаа луѓето кои држат кафулиња во Канео. Локалната тука немаше ингеренции. Поради потребата на жителите од туристичката населба да имаат брза врска со градот ние ќе продолжиме да се грижиме за Мостот на желбите“, ни рекоа од локаланата самоуправа.

    Мостот беше изграден пред околу една деценија, а него најмногу го користат жителите на рибарската населба Канео, бидејќи тоа е им е најблиска и најбрза врска со градот и бројни туристи, посебно преку летото, кои одат до плажата во Канео.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира