Оштетена бакарна релјефна плоча, напукнати ѕидови, откорната мермерна плоча со имињата на загинатите борци, скршени скали и жардиниери, ќе ги пречекаат државните и локалните функционери на Спомен-костурницата на паднатите борци од Народно-ослободителната борба (НОБ) во Куманово, на централната прославата на 11 Октомври – Денот на народното востание.
Во време кога се повеќе се промовираат здруженија со имиња на фашистички личности, паметникот кој сведочи дека тука лежат коските на над 300 борци од Кумановско, кои ги дадоа своите животи за слободна Македонија токму во борба со фашистичкиот окупатор од Втората светска војна, се наоѓа во многу лоша состојба, бидејќи никој не го одржува. Дополнително, постојано e на мета на вандали и крадци, бидејќи нема физичко ни видео обезбедување.
Спомен-костурницата во Куманово е под надлежност на Министерството за култура, а за нејзината околина парковите, патеките, осветлувањето и хортикултурното уредување е задолжена Општина Куманово.
Борците со години бараат од надлежните да одвојат средства за одржување на споменикот, бидејќи со негрижата кон сопственото минато се омаловажува улогата и значењето на народно-ослободителната војна во создавањето на македонската држава.
„Генерално, спомениците во Куманово се запоставени и од државата и од страна на локалната самоуправата, бидејќи не е оштетен само рељефот и монументалниот споменик на бистата Македонка, туку запуштени се и цветно зелените површини. Никој не сака да одвои пари за нејзино одржување. Дваесет и пет години на овие споменици немам никаква реставрација и реконструкција, а постојано се уништуваат. Времето си го прави своето и тие пропаѓаат. Ако не се реагира што поскоро, целосно ќе ги снема“, велат од Сојузот на борци во Куманово.
Спомен-костурницата на паднатите борци од НОБ е изградена во 1957 година, ја проектирал архиетектот Кочо Зордумис, а спомениците ги изработил вајарот Сретен Стојановиќ. Во комплексот се наоѓа криптата со посмртни останки на загинатите борци, спомен плочи, бисти на позначајните херои. Централна положба ja има скулптурата на жена со високо подигнато класје и вертикален столб кој доминира зад неа.
Борците посочуваат дека има нелогичност и при одржувањето на прославите на Спомен-костурницата во Куманово. Делегациите кои полагаат цвеќе се поклонуваат зад грбот на скулптурата на жената, наместо пред неа во подножјето на споменикот. Организаторите ја вовеле оваа пракса бидејќи плочникот зад бистата е колку-толку во подобра состојба во однос на уништените патеки, тревните и цветни површини околу споменикот.
Политичарите за уредување на Спомен-костурницата зборуваат на секои избори, а граѓаните се гневни поради ваквиот однос. Тие бараат да се поведе сметка, особено сега кога се отвараат здруженија на граѓани именувани по фашистички личности кои директно го негираат македонскиот јазик и идентитет.
„Политичарите и државата ја заборавија сопствената историја. Некогаш ова беше место со кое се гордееше Куманово, нека се срамат оние што го доведоа во ваква состојба. Делата зборуваат, а не фалењето по медиумите. Толку од почитта кон нашата историја и нашите предци кои загинаа за денешната слобода“, вели кумановката Бисера Ј.
На иста линија се и од Сојузот на борците, кој бара државата да поведе ред и да ги заштити интересите на македонскиот народ. На Спомен-констурницата почиваат и неколку народни херои меѓу кои и Христијан Тодоровски-Карпош, кој бил убиен од бугарскиот окупатор на 7 февруари 1944 за време на нападот на бугарското воено и полициско упориште во селото Билјача, Прешевско.
„Државата треба со закон да го регулира и да се заштити од формирање на здруженија на граѓани кои ќе носат имиња и експонирани личности од фашистичка окупаторска власт, тоа за нас како Македонци и како боречка организација не е прифатливо. Може ќе им текне да стават и име на некој генерал кој се борел на овие простори против партизаните“, велат претставници на Сојузот на борците.
Денеска, додека бевме на посета на комплексот се правеа последните подготовки за утрешната прослава. Работници од ЈП „Чистота и зеленило“ го чистеа плочникот, косеа трева и собираа лисја од патеките, додека претставници на МВР праве план за редот и обезбедување на гостите.
На Спомен-костурницата на паднатите борци од НОБ на 11 октомври ќе се одржи централната манифестација за одбележување на празникот 11 Октомври – Денот на народното востание, под мотото „Секогаш на вистинската страна“. Прославата ќе започне во 10 часот.
Владината делегација ќе ја предводи премиерот Димитар Ковачевски, а ќе ја сочинуваат и министрите Артан Груби, Јована Тренчевска и Адмирим Алити.
С. НИКОЛИЌ