СЕ УРНА КУЌАТА ВО НОВО СЕЛО ШТО Д-Р ЖАН МИТРЕВ ЈА ПОДАРИ НА ОПШТИНА ШТИП

    СЕ УРНА КУЌАТА ВО НОВО СЕЛО ШТО Д-Р ЖАН МИТРЕВ ЈА ПОДАРИ НА ОПШТИНА ШТИПВо 2016 се сруши дел од објектот познат како куќата на Зрнцеви што е под заштита на Министерството за култура, а денеска попладне се сруши преостанатиот дел на руината, за среќа без да има повредени (Фото: СДК.МК)

    Старата руинирана куќа во штипско Ново Село, што д-р Жан Митрев пред десетина години ја купи, а подоцна ја подари на Општината Штип, попладнево се сруши без да има повредени.

    „Цела среќа е што за време паѓањето на старите, но тешки греди од куќата немаше минувачи. Пред три години, дел од оваа куќа исто така се сруши. Пред неколку месеци доаѓаа од Општината, најавија дека ќе се преземат мерки за остранување на паднатите делови од куќата, се работеше 3-4 часа и на тоа се остана. Еве сега, новите врнежи од дожд ја докрајчија куќата. Има уште делови кои не се паднати. Треба ли да се чека некој да биде потрупан?“, реагираа жители на оваа штипска населба.

    Оваа куќа, позната како куќа на Зрнцеви, кои одамна се иселиле и каде на времето постоела една од најдобрите фурни за печење леб и пастрмалии, пред неполна деценија ја купи д-р Жан Митрев заедно со уште две соседни куќи, за да ги реставрира во истиот стил на архитектура која е специфична за штипско Ново Село. Но, откако не успел да ги добие потребните дозволи за тоа, д-р Митрев пред две години ги подари купените куќи на Општината Штип. Претходната општинска власт најави дека планира сите стари куќи да ги обнови и од нив да направи повеќе спомен соби на значајни настани и личности. Но, тоа не се случи поради смена на власта.

    Новата локална власт по денешното рушење најави дека ќе се преземат сериозни мерки и активности најпрвин да се расчисти теренот, да се спречат опасностите од ново рушење, а во соработката со Музејот во Штип и Министерството за култура да се изготви комплетна програма за реставрација на старите куќи, затоа што целата населба Ново Село е под заштита на културата.

    Во списокот на културното наследство кое е под заштита на државата во Македонија има 1.230 објекти од кои 60 се во Штип. Во списокот на Министерството за култура се ставени и 13 објекти на улицата Крсте Мисирков во Ново Село, меѓу кои спаѓа и срушената куќа на Зрнцеви.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира