Утрово во скопско Дебар Маало се запали стан во една од зградите. Како што велат станарите, најверојатно причина за пожарот е оптоварување на електричната мрежа, а поради брзата интервенцијата на пожарникарите и покрај непристапниот терен, оганот е изгаснат, не се проширил и нема повредени.
Станарите велат дека пожарникарите едвај стасале до нивната зграда и трчале низ цело Дебар Маало за да бараат рута како со противпожарните возилата да стасаат до зградата.
Владимир Симоновски, командант на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, вели дека и утрово како и многу пати досега се соочиле со неможност за пристап до зградата поради урбаниот хаос кој владее во Дебар Маало. Дополнителен проблем им било што дел од улицата Орце Николов е затворена за сообраќај поради реконструкција.
„Дебар Маало ни е обележано како критична точка за интервенции. Нема никакви услови за пристап на возилата од тесните улици, паркираните коли на сите страни и неплански изградените згради. Со помош на магии и трикови интервенираме. Денеска дополнителен проблем ни беше што Орце Николов е затворена за сообраќај, со камиони и механизација блокирана, па моравме да вртиме низ другите тесни и блокирани со коли улици. Нашите возила се големи и не можат да поминат низ ваква инфраструктура, каде секоја куќа стана зграда, а колите се на улица“, вели Симоновски.
Од Пожарната велат дека постојано проблем во интервенциите им е и немањето на хидранти низ Скопје, па немаат од каде да се приклучат на вода за да ги гасат пожарите.
А. АНТЕВСКА