СЕ ЗАТВОРА ГРАДСКИОТ БАЗЕН ВО КУМАНОВО ОТИ ТРОШОКОТ ЗА СТРУЈА И ГАС СКОКНА ОД 15.000 НА 50.000 ЕВРА МЕСЕЧНО

    СЕ ЗАТВОРА ГРАДСКИОТ БАЗЕН ВО КУМАНОВО ОТИ ТРОШОКОТ ЗА СТРУЈА И ГАС СКОКНА ОД 15.000 НА 50.000 ЕВРА МЕСЕЧНОЈП „Чистота и зеленило“ одлучи додека трае економската криза базенот да не работи. (Фото: СДК.МК)

    Затворениот градски базен во Куманово од утре нема да работи, поради енергетска криза. Од ЈП „Чистота и зеленило“ велат дека се одлучиле на ваков чекор поради енормното зголемување на цените на електричната енергија и природниот гас, кои не може да ги поднесе буџетот на претпријатието.

    Директорот Даниел Стојчевски вели дека лани во зимскиот период, работењето на базенот чинело околу 15 илјади евра месечно, а сега тоа ќе изнесува 50 илјади евра.

    „Цената на гасот е зголемена за над 200 отсто. Операторот кој нè снабдуваше со електрична енергија ни го раскина договорот еднострано и сега се снабдуваме со електрична енергија од ЕВН, која ја утрдува цената според пазарната вредност во тековниот ден и таа е за 3-4 пати повисока. Практично, тоа значи дека ако јавното претпријатие во истиот период лани за работата на базенот плаќало за природен гас од 500 до 600 илјади денари, сега треба да плати од 1,2 до 1,4 милиони денари. Струја плаќавме по 300 илјади денари, а сега треба да плаќаме од 1,3 до 1,5 милиони денари. Или соберено заедно, безмалку 50 илјади евра излегуваат трошоците за струја и за гас за еден месец. Тоа е за нас прескапо и ќе го блокира работењето на претпријатието. Затоа, менаџерскиот тим одлучи додека трае економската криза базенот да не работи“, изјави Стојчевски.

    Тој додава дека паузата ќе ја искористат за сервисирање на постоечката опрема и одредени градежни работи.

    Цената на природниот гас во Куманово од нова година се зголеми за 200 отсто. ЈП „Куманово гас“ го продаваше гасот по 25 денари, а од јануари по 80 денари за метар кубен. Сметките на домаќинставата во просек се движеле околу 3.000 денари месечно, по ново ќе изнесуваат 8.000 денари. Тоа натера голем број установи, институции, приватни фирми и домаќинства да го откажат користењето на гас и да се вратат на греењето на нафта, мазут и дрва.

    Во Куманово има 400 физички и правни лица потрошувачи на гас, а Општината и јавното претпријатие во изминатите години го субвенционираа приклучокот за граѓаните, заради финансиските и еколошките придобивки. На гасоводот се приклучени и повеќа јавни институции, училишта, градинките и други државни и општински установи.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира