Седум лица од Велес се затруле од храна во гостилница, која не ги исполнувала санитарно-хигиенските услови за работа.
Центарот за Јавно здравје (ЦЈЗ) Велес на 14 јули пријавил дека има сомнежи за труење со храна кај четири лица. Во соработка со неколку институции бил извршен вонреден инспекциски надзор во објектот кој бил пријавен дека е конзумирана храната.
„Врз основа на пријава од ЈЗУ Општа болница – инфективно одделение Велес до Центарот за јавно здравје Велес, четири лица биле примени со симптоми на повраќање, дијареа, покачена температура, гадење и грчеви. Тие биле примени во болница на 11 јули по консумирање на оброк риба и грав, кои биле подготвени во кујната на оваа гостилница“, соопштија од Агенцијата за храна и ветерина (АХБ).
Во соработка со Центарот за јавно здравје Велес, Институтот за јавно здравје – Скопје, Државниот санитарен и здравствен инспекторат – Велес, инспекциски служби на Агенцијата за храна и ветеринарство во вторникот спровеле заеднички вонреден инспекциски надзор во угостителскиот објект.
„Со надзорот утврдено е дека санитарно-хигиенската и техничката состојба во кујната и објектот (sидните, подните, работните површини, опремата, хаубата, разладните уреди) не е на задоволително ниво. Вработените лица немаат извршено здравствени прегледи, не се водат записи за добра хигиенска и добра производствена пракса и не се користи средство за дезинфекција на работните површини и опрема. Во момент на надзорот, во разладните уреди се затекнати месо и месни подготовки, риба и пирошки, сите производи без декларација, без комерцијален документ, без потекло, пакувани во ќеси и картонски кутии. Целокупната небезбедна храна во количина од 81,4 килограми е нештетно е уништена“, информираат од Агенцијата за храна и ветерина.
За утврдените недоследности и за пуштање во промет на небезбедна храна, на операторот изречена му бил парична казна од 600 евра, а со 300 евра казнето е и одговорното лице.
Од Велешката болница иизјавија дека до денес седум лица побарале здравствена помош.
„Од саботата до денес седум пациенти се јавиле за здравствена помош поради симптоми за труење. Петмина минале со мали тегоби а две лица доаѓаат на дневна болница“, кажа д-р Анамарија Џунџева, портпаролка на ЈЗУ Општа болница Велес.
На операторот со храна му било издадено решение за времено затворање на кујната и за подготовка и послужување на храна до добивање на негативни резултати од лабораториските тестирања, како и решение со наредба за генерално и темелно чистење на целиот објект, извршување на санитарни прегледи за вработените, спроведување вонредна дезинфекција, дезинсекција и дератизација.
П. ПЕЧКОВ



