СЕКОЈ КОЈ ПОВИКУВА ЗА БОЈКОТ НА ПОПИСОТ НЕ Ѝ МИСЛИ ДОБРО НА СОПСТВЕНАТА ДРЖАВА И НАРОД, РЕЧЕ ДИРЕКТОРОТ НА СТАТИСТИКА СИМОВСКИ

    СЕКОЈ КОЈ ПОВИКУВА ЗА БОЈКОТ НА ПОПИСОТ НЕ Ѝ МИСЛИ ДОБРО НА СОПСТВЕНАТА ДРЖАВА И НАРОД, РЕЧЕ ДИРЕКТОРОТ НА СТАТИСТИКА СИМОВСКИСпоред законот, има казни за некој што ќе одбие да даде податоци, вели Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика. (Фото: МИА)

    Секој оној кој повикува на бојкот на пописот не ѝ мисли добро ни на сопствената држава, ни на сопствените граѓани, апсолутно мисли само лошо, рече Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика на денешната онлајн работилница со новинарите за процесот на попишување.

    „Според законот, има казни за некој што ќе одбие да даде податоци. Но, нашата намера не е да казнуваме, нашата намера со пописот не е да собереме пари од казна, туку да собереме податоци. Ова не го правиме за ниедна политичка опција, туку за граѓаните и државата. Ги повикувам сите да не наседнуваат на дневнополитички цели на одредени политички субјекти, зашто на есен има локални извори и сите политички партии се обидуваат да се наметнат со свои политики“, рече Симовски.

    Бидејќи пописот се одвива во услови на пандемија, тој посочи дека попишувачите ќе бидат максимално заштитени со потребната опрема, со што нема да доведат во опасност никого од семејствата каде ќе бидат примени да попишуваат.

    „Заштитната опрема е дистрибуирана по сите пописни комисии. Онаму каде што има услови, не е проблем да се направи попишувањето и надвор од објектот, ако е во двор, објектот нема да избега. Ние не сме катастар, ни УЈП па да нѐ интересира дали некои се диви објекти, дали за нив се плаќа данок, дали се легализирани, нас нѐ интересираат условите за домување. Дали е сопствен станот или живее во туѓ, површина, број на соби, тоалет, снабдување со вода, елементарни информации за квалитетот на домувањето. Нѐ интересира површината и доградбите, но никој нема да сноси последици од тоа, податоците се за статистички цели и никој во државата нема да ги добие на индивидуално ниво“, рече директорот.

    Во семејства каде има заболени од ковид-19 или во изолација, ќе се стрпат неколку дена пред да ги попишат, доколу времето не го дозволува тоа, ќе влезат комплетно облечени со заштитна опрема, вели Симовски.

    Во однос на самопопишувањето во странство, почна да расте бројката на попишани граѓани. Од вчера до денес се попишале околу 7.000 лица или до осум часот утринава 137.114 граѓани.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира