СЕКОЈ НОВ ПРЕДЛОГ НА ЗАКОНОТ ЗА ИГРИ НА СРЕЌА Е ПОЛОШ, КАЗИНО СЕ ОТВОРА ДО ГРАДИНКА, РЕКОА ОД ДВИЖЕЊЕТО „АНТИКОЦКАЊЕ“ НА ПРОТЕСТОТ ВО ТЕТОВО

    СЕКОЈ НОВ ПРЕДЛОГ НА ЗАКОНОТ ЗА ИГРИ НА СРЕЌА Е ПОЛОШ, КАЗИНО СЕ ОТВОРА ДО ГРАДИНКА, РЕКОА ОД ДВИЖЕЊЕТО „АНТИКОЦКАЊЕ“ НА ПРОТЕСТОТ ВО ТЕТОВОВо последниот предлог-закон градинките не се меѓу јавните објекти до кои е забрането да има казино. (Фото: СДК.МК)

    Со полчасовна блокада на кружниот тек од булеварот Видое Смилевски-Бато во Тетово, граѓаните и активистите на Движењето „Антикоцкање“ изразија револт што сé уште не се донесува Законот за игри на среќа, што не се прифаќаат нивните предлози за овој Закон, но и поради тоа што на само педесетина метри од градинка во Тетово се отвара големо казино.

    „Откако во ноември 2016 година покренавме иницијатива за дислоцирање на овие објекти за игри на среќа, настојувавме и да се донесе соодветен Закон за игри на среќа, но сé уште не успеавме во тоа. Не успеавме затоа што често имаме смени на Владите, па со секоја нова Влада ние моравме да почнуваме од почеток со нашата иницијатива. Но, тоа што е најлошото, секој нов Предлог-закон за игри на среќа што се дава од секоја нова Влада е полош и полош. Не сакаат да ги прифатат и исполнат нашите барања. Така, во последниот предлог што е даден за овој Закон стои дека вакви објекти не може да се наоѓаат на растојание помало од 500 метри од образовни институции за основно и средно образование. Наше барање беше тоа да се однесува на сите институции од јавен карактер, но во последниот нивни предлог дури се изземени и градинките. Затоа денеска протестираме, бидејќи само на педесетина метри од градинката ‘Тетекс’, еве, се отвара ново казино. И сега сите деца кои ќе доаѓаат во градинката првото што ќе го видат е рекламата за ова казино“, изјави Џемаил Абдиу од движењето „Антикоцкање“.

    На протестот покрај поголем број граѓани, учествуваа и вработените од градинката „Тетекс“ покрај која се отвара казиното, а присутни беа и дадоа поддршка градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами и претседавачот на Советот Бесар Дурмиши.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира