СЕКОЈА ТРЕТА РОДИЛКА ОД ВЕЛЕС СЕ ПОРОДУВА ВО СКОПЈЕ

    СЕКОЈА ТРЕТА РОДИЛКА ОД ВЕЛЕС СЕ ПОРОДУВА ВО СКОПЈЕГрадоначалникот на Велес, Аце Коцевски, ги повика своите сограѓанки да имаат поголема доверба во велешките гинеколози и акушерки (Фото: АП)

    Секое трето бебе од Велес е родено во Скопје. Лани во Велес имало 397 бебиња и од нив, 129 се родиле во Скопје.

    Од година во година, трендот на породување на велешанки во метрополата расте. Ако во 2017 и 2016 четвртина од велешките новороденчиња биле родени во Скопје, лани таа бројка пораснала.

    Ова се податоците од ЈЗУ Здравствен дом, служба за превентивна здравствена заштита на предучилишните деца. Овој тренд ги зафати и селата, но и соседните општини. Единаесет отсто од бебињата во велешките села се родени во Скопје, а од Општина Чашка 22 проценти. Во Чашка има и еден случај на породување во домашни услови. Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, ги повика сограѓанките да имаат поголема доверба во велешките гинеколози и акушерки. На акушерското одделение во ЈЗУ Општа болница Велес годинава, поради малиот број доктори, на помош доаѓаа специјалисти од Скопје.

    „На мајките им порачувам дека јавното здравство е доволно квалитетно, да не одат во приватните клиники за таму да се породуваат. Нека имаат повеќе доверба во докторите од јавното здравство. И јас моите здравствени проблеми ги решавам во јавното здравство, не во приватното“, рече Коцевски.

    Лани во Општина Велес се родиле 662 бебиња, што е за 62 помалку отколку во 2017, кога имаше вистински беби бум. Во ЈЗУ Општа болница Велес во 2018 биле родени 505 бебиња, што е далеку помалку отколку во претходните години (649 во 2017 и 651 во 2016). Тука се породуваат и жени од Свети Николе, Лозово, Росоман и Неготино. Но, освен во Скопје, десетина бебиња се родени во Битола, како што беше случај и со првото велешко бебе оваа година.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира