Уште од основно училиште треба да им се објасни на децата дека сексот и љубовта одат заедно, дека сексот не е гимнастика, туку дека има врска со разбирање, убавина и емоција, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на форумот „Гласот на младите: еднакви можности и иднина без насилство“, што се одржа во Битола во организација на Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“.
На форумот, Фатма Бајрам-Аземовска од „Сумнал“ ја праша претседателката што можат да направат надлежните институции за да ги спречат малолетничките бракови, навреме да ги препознаат девојчињата изложени на овој ризик и да им помогнат да го продолжат образованието. Иако малолетничките бракови се присутни кај различни етнички заедници, тие почесто се среќаваат кај ромската популација.
„На една од нашите активности забележавме дека не ни доаѓа една учесничка, девојче кое дотогаш беше дел од нашите активности. Се заинтересиравме зошто повеќе не доаѓа, а одговорот беше краток: ‘Се омажи’. Што се случи со нејзиното образование, со нејзините желби, со нејзините планови? Дали можеме порано да им помогнеме? За жал, таа не беше единствена. Нашата цел не е да ги осудуваме семејствата, туку да работиме со нив и да создаваме услови во кои секое девојче ќе има можност да го оствари својот потенцијал“, рече Бајрам-Аземовска.
Претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека сите девојчиња и момчиња имаат право на детство што ќе ги подготви за понатамошниот живот, а малолетничките бракови може да се спречат преку знаење, информираност и поддршка кога младите ќе се соочат со проблем.
„Прво треба да се знае. Уште во основно училиште треба да им се објасни на децата. Сега некој ќе рече дека многу отворено зборувам. Да, така е. Не знам како ќе го именуваат предметот, тоа е ирелевантно, но мора да се каже дека сексот и љубовта одат заедно, дека сексот не е гимнастика, туку има врска со разбирање, со убавина, со емоција“, рече Сиљановска-Давкова.
Таа нагласи дека младите треба да знаат како да се заштитат и да бидат информирани за сопственото сексуално здравје, за да не се најдат во ситуација да не знаат дека се бремени.
„Не само што треба да знаат каков личен избор прават, туку треба да имаат знаење за да не се случи да не знаат дека се бремени. И ако се случи тоа, не е крај на животот. За да знаеме што е добро, треба да почувствуваме и што е лошо. Така стануваме посилни и повнимателни, но најдобро е да не се соочиме со вакви ситуации. Затоа е важно уште во основно училиште да знаеме за што станува збор, за потоа да уживаме во животот“, рече Сиљановска-Давкова.
Министерството за образование во септември ја повлече наставната програма за Сеопфатно сексуално образование, а по ревизијата, на 7 октомври донесе нова, под името Здравје и заштита на здравјето, со ист број часови и теми, но без поимите „род“ и „контрацепција“. Институтот за родови студии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) претходно реагираше дека со бришењето на зборот „род“ од новата наставна програма „Здравје и заштита на здравјето“ се прави сериозен научен, педагошки и правен пропуст. Оттаму предупредуваат дека не станува збор само за промена на терминологијата, туку за интервенција што може да го отежне разбирањето на родовата нееднаквост, дискриминацијата и родово базираното насилство. Граѓанските организации реагираа дека особено загрижува што промените следуваат по јавните притисоци од верски и конзервативни кругови.
Форумот беше дел од проектот „Спорт без насилство – Младински форум за фер-плеј“, поддржан преку програмата „Еразмус+“ на Европската Унија. На форумот се разговараше за предизвиците со кои се соочуваат младите, меѓу кои се образованието, безбедноста, ненасилното однесување, еднаквите можности и правото на секој млад човек сам да ја креира својата иднина.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



