СЕЛА ВО БИТОЛСКО СО НЕИСПРАВНА ВОДА ЗА ПИЕЊЕ ЗАШТО МРЕЖИТЕ НЕ ГИ ДАЛЕ НА ОДРЖУВАЊЕ НА ГРАДСКИОТ ВОДОВОД

    СЕЛА ВО БИТОЛСКО СО НЕИСПРАВНА ВОДА ЗА ПИЕЊЕ ЗАШТО МРЕЖИТЕ НЕ ГИ ДАЛЕ НА ОДРЖУВАЊЕ НА ГРАДСКИОТ ВОДОВОДЦентарот за јавно здравје со години алармира дека водата за пиење во селата со сопствен водовод често пати е загадена, па неопходно е или некој да ги одржува селските водоводи или тие да се приклучат кон градската водоводна мрежа. (Фото: СДК.МК/ архивска фотографија)

    И ова лето, дел од битолските села кои се снабдуват со вода од сопствени водоводи што не ги предале во употреба и одржување на Јавното претпријатие „Водовод“, имаат неисправна вода за пиење. На денешната седница на Советот, советникот Иванчо Тошевски од ВМРО-ДПМНЕ побара итно преземање на сите неопходни мерки за надминување на проблемите со водоснабдувањето во руралните средини.

    „Село Бистрица има неисправна вода за пиење, а истата водоводна мрежа ја користи и селото Барешани. Во 2019 година од водата во Барашани направени се 4 анализи, три покажале небезбедна вода за пиење, а во Бистрица од 5 анализи сите пет не биле во согласност со микробиолошките критериуми. Горе-долу во сите рурални средини состојбата е иста и токму поради тоа потребно е итно преземање на сите превентивни мерки“, рече Тошевски.

    Претседателот на Советот Валентин Груевски возврати дека проблемот со селските водоводи се провлекува со години, зашто не се предадени на одржување на ЈП „Водовод“, но секаде каде е побарана помош претпријатието излегува во пресрет.

    Ако селските вододводи ги преземе за одржување „Водовод’’ жителите ќе треба да плаќаат за вода, а некои не сакаат.

    „Дел од руралните средини не сакаат да бидат приклучени на градскиот водовод и да ја плаќаат таа услуга, каде со плаќањето им следува и поправка на сите дефекти, одржување, чистење на резервари. Имаме случаи каде водоводите се во сопственост на месни заедници, односно на рурални средини, а кога ќе имаат проблем кој не можат да го остранат или им треба стручна помош, ние како ЈП излегуваме во пресрет дали со материјал, градежна механизација, со стручен совет, помош за чистење со хлор на резерварите, сè што е потребно за тие да имаат почиста вода и водовод кој функционира“, рече Горан Козаров, директор на ЈП „Водовод“.

    Центарот за јавно здравје со години алармира дека водата за пиење во селата со сопствен водовод често пати е загадена, па неопходно е или некој да ги одржува селските водоводи или тие да се приклучат кон градската водоводна мрежа.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира