СКОПСКИТЕ УЛИЧНИ КУЧИЊА СЕ СЕЛАТ ВО САД, ГЕРМАНИЈА И БЕЛГИЈА, СЕ ВДОМУВААТ ПРЕКУ ПРИФАТИЛИШТЕТО „ЛАЈКА“

    СКОПСКИТЕ УЛИЧНИ КУЧИЊА СЕ СЕЛАТ ВО САД, ГЕРМАНИЈА И БЕЛГИЈА, СЕ ВДОМУВААТ ПРЕКУ ПРИФАТИЛИШТЕТО „ЛАЈКА“Странските вдомувачи преку социјалните мрежи на „Лајка“ Фејсбук и Инстаграм се запознаваат со кучињата и така испраќаат барање за вдомување.(Фото: ЈП „Лајка“)

    Триесетина кучиња од скопските улици се вдомени кај семејства во САД, Германија, Шведска и Белгија. Од прифатилиштето на ЈП „Лајка“ со авион или комбе кучињата од Скопје се испратени кај семејства од странство.

    Од ЈП „Лајка“ велат дека по успешната кампања за вдомување на бездомни кучиња во нашата земја, мисијата ја продолжиле во САД, а сега веќе и низ Европа. Првото куче кое беше вдомено во странство пред месец и половина беше Дарио, заловен од скопските улици, во населбата Новоселски пат, со трајно оштетување на окото и малтретирано од локалните жители. По повеќе од три месеци поминати во „Лајка”, и по долга и напорна работа, Дарио заминал кај семејство во Чикаго.

    „Од самото отворање на прифатилиштето, ‘Лајка‘ има отворено профили на социјалните мрежи, Фејсбук и Инстаграм на македонски и англиски јазик, каде што постојано објавуваме кучиња коишто се подготвени за вдомување. Сите заинтересирарани граѓани од Скопје, но и од странство, кои што ги следат нашите профили и сакаат да вдомат куче, испраќаат електронско барање за вдомување на адресите [email protected] или [email protected]. На наше големо задоволство секојдневно стигнуваат голем број барања од странство“, велат од ЈП „Лајка“.

    Првото куче кое беше вдомено во странство пред месец и половина беше Дарио, заловен од скопските улици, во населбата Новоселски пат, со трајно оштетување на окото и малтретирано од локалните жители.(Фото: ЈП „Лајка“)

    И странските вдомувачи ги поминуваат процедурите како и домашните. Потенцијалните вдомувачи пополнуваат електронска апликација, по што им се закажува интервју од страна на тимот на „Лајка“ и се проценува дали потенцијалниот вдомувач ги исполнува условите за вдомување.

    „Кучињата во странство ги вдомуваме согласно законските процедури за транспорт на кучиња, а патните трошоци ги покривааат лицата кои што ги вдомуваат. Бројот на бездомни кучиња на улиците и трендот на напуштање миленици се трудиме да го претвориме во тренд на вдомување и одговорно сопствеништво. Миленикот треба да биде член од семејството и чувањето куче е сериозна одговорност. Затоа само оние кои се навистина подготвени да се посветат на истиот можат да се најдат на нашата листа на вдомувачи“, велат од „Лајка“.

    Покрај во странство „Лајка“ досега има вдомено и над 100 улични кучиња во земјава односно од отворањето на прифатилиштето до сега згрижени се вкупно 150 кучиња.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира