ШЕСТ ГОДИНИ Е НА СЛОБОДА СРПСКИОТ ТУРИСТ КОЈ СВИРЕПО УБИ 26-ГОДИШЕН ОХРИЃАНЕЦ, МАЈКАТА НА УБИЕНИОТ ДИМИТАР БАРА ПРАВДА

    ШЕСТ ГОДИНИ Е НА СЛОБОДА СРПСКИОТ ТУРИСТ КОЈ СВИРЕПО УБИ 26-ГОДИШЕН ОХРИЃАНЕЦ, МАЈКАТА НА УБИЕНИОТ ДИМИТАР БАРА ПРАВДАМајката Драгица Матилоска вели дека и по 6 години болката не се намалува, но утеха наоѓа во пишувањето и така се обидува да го зачува споменот на убиениот син во исчекување на правдата која никако да дојде. (Фото: СДК.МК)

    По шест години и два месеца, сè уште нема ни трага ни глас од убиецот на 26-годишниот Димитар Матилоски од Охрид, кој беше до смрт претепан за време на новогодишната ноќ во 2016 година. Димитар  беше свирепо убиен од српскиот турист Бојан Угреновиќ.

    „Шест години никој не го бара убиецот на мојот син и покрај тоа што има пресуда за издржување затворска казна од 16 години. Шест години секоја сабота сум на гробишта. Единствено нешто што ме држи исправена и ми дава сила е надежта дека ќе се фати убиецот“, кажува Драгица, мајката на Димитар.

    Драгица, чекајќи ја правдата преживува голгота исполнета со болка, тага, одење по судови и адвокатски канцеларии. Вели, што рака ќе беше, што човек ќе беше тој што му го скина вратот на мојот син.

    „Тој е на слобода, а мојот син  на гробишта“, вели Драгица. 

    За сторено кривично дело „свирепо убиство“, убиецот на Димитар Матилоски доби 16 години затворска казна, но Апелацискиот суд во Битола ја преполови, по што во декември 2019 пак затворска казна од 16 години изрече Врховниот суд, но издржувањето сè уште не започнало оти Угреновиќ по законскиот рок поминат во притвор согласно Законот за кривична постапка доби можност да се брани од слобода и оттогаш му се губи секаква трага.

    По барање на Основниот суд Охрид, МВР распиша централна и меѓународна потерница во 2021, 4 години после бегството на Угреновиќ.

    Судскиот совет за овој случај ја разреши судијката од Основниот суд во Охрид Весна Кичеец поради нестручно и несовесно постапување во судскиот процес.

    „Ние си игравме судење, немаше никој од српските туристи во судницата, истите оние кои кобната вечер ја бришеа крвта на убиецот за да избегаат. Врховниот суд од Скопје го осуди на 16 години затвор убиецот на мојот син со правосилна пресуда, но голготата продолжува, и по 6 години и 2 месеци нема распишано потерница. Првите 4 години се надевав дека ќе биде распишана, но денес после 6 години сум разочарана“, кажува низ солзи Драгица.

    Таа вели дека ќе се бори до крајот на животот правдата да излезе на виделина, оставена сама на себе оти,  како што вели, никој повеќе не се интересирал и не го барал убиецот.

    „Ќе барам и отштета за психичко нарушување на моето здравје бидејќи ќе ме доведат психички да оболам. Мојот адвокат ме прашува од каде ќе најде пари убиецот, го брани и покрај тоа што ме застапува мене. Последниот пат кога се видовме со адвокатот не ми кажа дека ќе оди во пензија и сега едноставно бега од мене“, вели Драгица која како учителка ги учела децата да не се тепаат, да се дружат, да има пријателство меѓу нив.

    „Судството сега дава порака дека може да убиете некој и да не лежите в затвор. Правда мора да има и ќе се борам до последниот здив да се фатат виновниците“, додава Драгица.

    Таа вели дека и по 6 години болката не се намалува, но утеха наоѓа во пишувањето. На тој начин се обидува да го зачува споменот на убиениот син во исчекување на правдата која никако да дојде. Досега е издадена четвртата книга од нејзиниот дневник „Мојот живот после изгубен живот“. На самата корица е уличката каде секојдневно поминувал Димитар.

    „И денес кога ќе видам деца на оваа уличка, како мајка си мислам еве тука ќе помине и моето чедо, но тоа е само моја пуста надеж која никогаш нема да се оствари. Во следната книга се надевам дека убиецот ќе биде зад решетки“, вели Драгица.

    Драгица во последната книга вели, „душата на  Димитар е бесмртна и таа живее во мојот осамен свет. Живеам за перото на моето срце да го овековечи ликот, добрината и младоста на мојот син“. Средствата од пордажбата на книгата се наменети за хуманитарни цели.

    „Со средствата, пак, за психичка отштета ќе се изгради чешма во спомен на мојот син, како потсетување на таа 2016 година никогаш да не се повтори“, вели Драгица.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира