Во еден ден во Тетово се каснати од кучиња скитници шест лица, од кои 4 се деца. Каснувањата се случиле на 13 март и биле пријавени во СВР Тетово. Градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами вели дека поради опструкции сè уште не може да се распише нов тендер за третирање на кучињата скитници.
„Педесет и четиригодишниот тетовец И. З. во СВР Тетово пријавил дека на улица Љубо Божиновски-Пиш бил каснат од куче скитник, четириесет и четиригодишниот тетовец М. С. бил каснат од куче скитник на истата улица, Ф. Б. (46) од Тетово пријавил дека неговиот малолетен син на улица Јордан Златановски бил каснат од куче скитник, триесет и деветгодишната тетовка М. З. пријавила дека на улица Михајло Раичевиќ во Тетово нејзиниот малолетен син бил каснат од куче скитник и дваесет и деветгодишниот О. А. од тетовска Палатица, пријавил дека на улица Димко Гавровски-Кара неговата малолетна сестра била касната од куче скитник“, соопшти СВР Тетово.
Во Тетово веќе неколку месеци нема фирма која треба да ги третира кучињата скитници, а градоначалникот Касами се надева дека наскоро ќе се распише нов тендер за третман.
„Има некои компликации во делот на постапката за објава на тендерот како што, за жал, се случува кај нас сè со цел да ѝ се направи препрека на Општината. Но, и покрај ова работиме да се расчисти и ова и да се објави тендерот за избор на фирма која ќе се грижи за тие кучиња“, изјави Касами.
Според податоците од СВР Тетово, за изминативе ти и пол месеци од оваа година од кучиња скитници нападнати се и повредени 26 лица, кои за тоа поднеле пријава во тетовската полиција.
З. АНДОНОВ