„Сакаме да дишеме чист воздух“, скандираа струмичани на протестот што се одржа во центарот на Струмица, изразувајќи го својот револт поради, како што велат, институционалната негрижа за високите концентрации на штетни ПМ честички во воздухот. Токму поради ова, Струмица често се наоѓа на врвот на листата на најзагадени градови во земјата.
Демонстрантите побараа поголем ангажман на инспекциските служби, и на локално и на централно ниво, како и откривање и санкционирање на загадувачите.
„Ова не е живот, постојано да гледаме во мобилните телефони за да провериме каков е воздухот надвор. Со вакви концентрации на ПМ10 и ПМ2,5 честички ќе се разболиме. Има ли некој што ќе стави крај на ова лудило? Секојдневно по социјалните мрежи гледаме црни чадови, дека некој нешто недозволено гори и нè труе, а епилог нема“, коментираа граѓаните кои околу еден час го блокираа центарот на градот.
На импровизираната бина се обратија граѓански еко-активисти, кои го искажаа своето незадоволство од неагилноста на институциите и од меѓусебното префрлање на одговорноста. Според нив, неопходна е итна акција, бидејќи Струмица не смее да биде заложник на профитери и капацитети кои, како што рекоа, горат сè и сешто.
„Бараме шест нови индикаторски мерни станици и рачни мерачи за воздух за инспекторите, како и специјализиран дрон за мерење на загадувањето. Потребно е вработување на пет инспектори за животна средина, ревизија на издадените А и Б дозволи и елаборати за животна средина, обезбедување средства за акредитирана лабораторија, поставување камери на дивите депонии, како и отчетност на сите инспектори“, изјави од говорницата Оливера Аризанова-Мансбарт од граѓанската иницијатива „Здрава котлина“.
Струмица веќе располага со мрежа од шест локални акредитирани мерни станици. Според податоците од нив, највисоко загадување се регистрира во ноќните часови, особено во реонот кај училиштата „Никола Карев“, „Никола Вапцаров“ и „Маршал Тито“. Во текот на оваа зима, во два наврати беа издадени и државни препораки за Струмица поради високи концентрации на ПМ10 честички.
Организаторите на протестот ги повикаа пратениците од Струмичкиот Регион да иницираат итни измени на Законот за индустриски емисии, со бришење на одредбите што дозволуваат деловна тајна во процесите на емисија, што според нив претставува законска можност за прекумерно загадување. Дополнително, побараа воведување законска обврска сите компании со А и Б дозволи да воспостават автоматски, континуиран мониторинг на емисиите, со постојана јавна достапност на податоците за загадувањето што го испуштаат.
В. ТРАЈКОВ



