Ексградоначалникот на Скопје Коце Трајановски уште нема фотографија во просториите на Градот, каде се поставени портрети од сите досегашни градоначалници. Во салата за состаноци во бараките на Градското собрание, која се наоѓа веднаш до кабинетот на градоначаникот, поставени се портрети на сите градоначалници кои од 1941 година до сега ја извршувале функцијата. На ѕидот во салата последна е фотографијата на поранешниот градоначалник Трифун Костовски. До него треба да стои портрет од Коце Трајановски, кој градоначалник на Скопје беше во два мандати, од 2009 до 2017.
Поминаа 100 дена откако градоначалникот Петре Шилегов дојде на местото на Трајановски. Шилегов вели дека портрет на Трајановски ќе се постави, но чека неговиот претходник да му прати фотографија.
„Секако дека ќе биде поставена слика и од Коце Трајановски. Не е ставена досега оти чекам да ми прати фотографија. Му се јавив за да му побарам да ни испрати слика која тој сака да биде поставена на ѕидот меѓу сите досегашни градоначалници. Но уште не ми испратил“, ни изјави Шилегов.
Ексградоначалникот Коце Трајановски, пак, вели дека Шилегов ниту му се јавил ниту му побарал фотографија.
„Мене воопшто не ми е важно дали ќе има моја слика. Ако толку сакав да имам фотографија можев да ставам пред да заминам. Но бидејќи ме прашувате, ќе ви кажам дека Шилегов ниту еднаш не ми се јавил. Јас еднаш го барав да му дадам совет, но не го добив. Фотографии од мене во Град Скопје има многу. Сто пати фотографот на Град Скопје ме има сликано, за интервјуа или за слики за лични документи“, вели Трајановски.
Петре Шилегов ја презеде функцијата градоначалник на Град Скопје од Коце Трајановски во 25 октомври 2017. На локалните избори кои се одrжаа на 15 октомври, Шилегов со 141,119 гласови во првиот круг го победи Трајановски, кој имаше 101,464 гласови.
А. АНТЕВСКА