ШИЛЕГОВ ЌЕ ИМ ОДРЕДИ НА АДМИНИСТРАТИВЦИТЕ ЗА КОЛКУ ДЕНА ТРЕБА ДА СРАБОТАТ ПРЕДМЕТ, СО КАЗНИ ЗА НЕПОЧИТУВАЊЕ НА РОКОВИТЕ

    ШИЛЕГОВ ЌЕ ИМ ОДРЕДИ НА АДМИНИСТРАТИВЦИТЕ ЗА КОЛКУ ДЕНА ТРЕБА ДА СРАБОТАТ ПРЕДМЕТ, СО КАЗНИ ЗА НЕПОЧИТУВАЊЕ НА РОКОВИТЕКако што кажа Шилегов, данокот на промет ќе се пресметува за 5 дена, данокот на имот за 10 дена, лиценцата за такси возачи би се издавала за 30 дена. Правилникот ќе биде објавен на веб страната на Град Скопје па така граѓаните ќе знаат за колку дена да очекуваат дека ќе им биде завршен предметот.(Фото: Град Скопје)

    Администрацијата на Град Скопје ќе добие правилник за колку дена треба да сработи одреден предмет, а внатрешната контрола која е формирана од градоначалникот Петре Шилегов ќе оценува дали се почитуваат роковите.

    Градоначалникот Шилегов денеска кажа дека почнуваат со оваа реформа на градската администрација со цел граѓаните да не чекаат со месеци да им се реши одредено барање и вработени да ги извршуваат своите обврски навремено. За секој предмет ќе се одреди категорија и според тежината ќе се знае за колку работни денови треба да биде сработен. Како што кажа Шилегов данокот на промет ќе се пресметува за 5 дена, данокот на имот за 10 дена, лиценцата за такси возачи би се издавала за 30 дена. Правилникот ќе биде објавен на веб страната на Град Скопје па така граѓаните ќе знаат за колку дена да очекуваат дека ќе им биде завршен предметот.

    „Денеска издадов налог во рок од два месеци внатрешната контрола да изготви регистар на сите постојни предмети кои се несработени и ќе ги категоризираме колку време е потребно да се завршат. Целта е да се спречи закочувањето на постапките, граѓаните да бидат поштедени од стрес и изгубено време талкајќи по шалтери од канцеларија во канцеларија. Целта е да ги извадиме сите предмети надвор од фиоките“, рече градоначалникот Шилегов.

    Системот предвидува секој вработен да добие свој фајл и врз основа на извештаите кои ги изработува внатрешната контрола ќе добие досие на неговата ефикасност во работата. Секој вработен ќе биде оценуван по основ на тоа во колкав рок и колкав број на предмети одработил согласно правилникот.

    Од понеделник пак сите граѓаните кои имаат било какви проблеми со активни предмети или новоподнесени предмети ќе можат да пријават во внатрешната контрола на мејлот [email protected].

    „Од она што го знам е дека досега ненавремено им се завршуваат услугите на граѓаните, не постоела санкција ниту контрола. Граѓаните нема да треба да бараат врски во Градот или да го знаат раководителот на секторот за да не чекаат. Се случувало лиценца за такси да се чека и по 6 месеци, тоа веќе нема да се случува.  Секој од вработени ќе добие свое досие од кое ќе биде видливо колку предмети сработил, за колку време ги сработил, дали се согласно упатството што јас го давам како градоначалник. Доколку не ги задоволува резултатите тоа ќе биде основ за нивното оценување на крајот на годината, негативната оценка значи губење на работното место“, кажа Шилегов.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира