Скопкиот градоначалник Петре Шилегов ги повика граѓаните да не палат бадникови огнови за да не се загадува воздухот.
Исто така, со цел да се спречи дополнително загадување на воздухот, ниту една скопска општина годинава нема да дели дрва на граѓаните и месните заедници кои организираат прослави за Бадник.
„Апелирам до скопјани да не се палат огнови на отворено по повод прославата на божиќните празници, со цел да ја заштитиме животната средина, а и да го заштитиме амбиенталниот воздух. Да се посветиме на иднината и да водиме сметка за здравјето на децата. На работен состанок со градоначалниците на сите скопски општини донесовме заедничка одлука за забрана за доделување на дрва од општините за истата намена“, рече Шилегов.
Градоначалникот Шилегов денес заедно со Здружението за традиционална прослава на Бадник, присуствуваше на традиционалното собирање на бадникови гранчиња, во месноста Говрлевска Краста, на јужните падини на Водно.
А. АНТЕВСКА