ШИЛЕГОВ ПОЛА ГОДИНА ГИ БОДУВА ИТАЛИЈАНСКАТА И ГЕРМАНСКАТА ФИРМА КОЈ ДА БИДЕ КОНЦЕСИОНЕР НА ДРИСЛА, А СУДОТ МУ ДАДЕ РОК ОД ЕДЕН МЕСЕЦ

    ШИЛЕГОВ ПОЛА ГОДИНА ГИ БОДУВА ИТАЛИЈАНСКАТА И ГЕРМАНСКАТА ФИРМА КОЈ ДА БИДЕ КОНЦЕСИОНЕР НА ДРИСЛА, А СУДОТ МУ ДАДЕ РОК ОД ЕДЕН МЕСЕЦВишиот Управен суд одлучи по жалбата на Град Скопје лани во јули, со тоа што му наложи да направи нов избор меѓу двете фирми кои учествуваа на тендерот во рок од еден месец односно до 31 август. - Градоначалникот Петре Шилегов, директорот на Дрисла Горан Ангелов и директорот на „Комунална хигиена“ Абдусамед Шабани на депонијата лани во април кога за првпат по 18 години се постави филтер на печката за согорување медицински отпад. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Град Скопје сè уште не одлучил дали италијанскиот конзорциум „ФЦЛ Амбиенте“ ќе остане концесионер на депонијата Дрисла или пак неа ќе ја преземе германски „Шолц“, иако тоа требаше да го направи до крајот на август минатата годината. Градот, два месеца по доаѓањето на Петре Шилегов на градоначалничката функција, поднесе жалба до Вишиот Управен суд во која бараше целосно да се поништи постапката за избор на концесионер и депонијата да се врати на Градот за да може да се распише комплетно нов повик за избор на концесионер. Шилегов неколку пати апелираше до судот што побрзо да ја донесе одлуката.

    „Ги замолувам Управниот суд да се донесе што е можно побрзо одлука. Не навлегувам каква ќе биде таа. Но да знаеме кој ќе биде партнер на Градот за да можеме заеднички да ја креираме политиката за третирање на отпадот“, рече Шилегов лани во април на пуштањето во употреба на филтерот на печката за медицински отпад.

    Вишиот Управен суд одлучи по жалбата лани во јули, со тоа што му наложи на Град Скопје да направи нов избор меѓу двете фирми кои учествуваа на тендерот во рок од еден месец односно до 31 август. Оттогаш се поминати 6 месеци, а Шилегов иако бараше што побрзо да се донесе одлука, сега со месеци ја влече постапката.

    „Формирана е комисија која ги разгледување и врши бодување на двете понуди. За кратко време ќе биде донесена одлука“, ни изјави кусо  Шилегов, не објаснувајќи зошто е потребно половина година да се донесе одлука кога Судот наложи да се заврши постапката за еден месец.

    Шилегов досега неколку пати изјави дека италијанскиот конзорциум изминативе 7 години нешто не вложил во Дрисла. Тие требаше требаше да направат нова постројка за индустриски и за медицински отпад, за селекција на отпадот, да  набават нова механизација и опрема, да изградат нов административен објект, како и да произведуваат струја од ѓубрето.

    И од неговата партија СДСМ, додека беа опозиција кога италијанскиот конзорциум ја доби под коцесија „Дрисла“, постојано на прес-конференции и со соопштенија обвинуваа дека бизнисот со Дрисла е скандал од светски размери, бидејќи и покрај одлуките на Судот во полза на германската фирма се склучува повторно договор со фирма која е формирана два дена пред објавување на тендерот.

    Град Скопје во 2011, во мандатот на градоначалникот Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ, ја избра италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“ за концесионер на Дрисла во наредните 35 години. Германски „Шолц“, второпласирана фирма на тендерот, двапати го обжалуваше договорот со италијанската фирма, по што Управниот суд пресуди дека поради неправилности во тендерската постапка треба да се склучи нов договор, но Град Скопје, додека градоначалник беше Трајановски, повторно на двапати склучуваше договор со „ФЦЛ Амбиенте“.

    По повторната тужба на Германците во октомври 2017, Управниот суд донесе одлука Град Скопје да го раскине договорот со Италијанците и да склучи нов со Германците. По оваа одлука, на крајот на 2017 пред Нова година градоначалникот Шилегов рече дека ќе поднесе жалба до Вишиот Управен суд, во која бараше да се врати депонијата целосно во сопственост на Градот, па дури потоа да се бара нов концесионер кој ќе биде обврзан да воведе најсовремени технологии за третирање на отпадот и ѓубрето на Дрисла.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари