ШИЛЕГОВ СО „РОМЕО И ЈУЛИЈА“ НА ШЕКСПИР Ѝ ОБЈАСНУВАШЕ НА ЖУГИЌ ШТО Е РАЗЛИКАТА МЕЃУ СТУДИЈА И ПРОЕКТ

    ШИЛЕГОВ СО „РОМЕО И ЈУЛИЈА“ НА ШЕКСПИР Ѝ ОБЈАСНУВАШЕ НА ЖУГИЌ ШТО Е РАЗЛИКАТА МЕЃУ СТУДИЈА И ПРОЕКТСоветничката Јелена Жугиќ му одговори на градоначалникот Петре Шилегов дека се надева некогаш заедно да глумат на театарската сцена, бидејќи со говорот покажал дека има талент за глума. (Фото: СДК.МК)

    Скопскиот градоначалник Петре Шилегoв со драмата „Ромео и Јулија“ на Вилијам Шекспир ѝ објаснуваше на советничката Јелена Жугиќ од ВМРО-ДПМНЕ што е разликата меѓу студија и проект. Жугиќ на денешната седница на Советот на Град Скопје го праша Шилегов зошто Градот ќе прави проект за езерото Треска кога веќе има направено од минатото раководство.

    „Среќна сум што градоначалникот денес е расположен да одговара на нашите прашања, па го прашувам зошто ќе даваме 7 милиони денари кога во фиоките на Општина Сарај веќе има проект“, праша Жугиќ, а претходно и останатите советници му го поставуваа истото прашање на градоначалникот Шилегов.

    Градоначалникот од говорницата им одговори дека за Треска има студија, а не проект и не му било јасно како советниците од ВМРО-ДПМНЕ не можат да направат разлика што е студија а што проект.

    „Еве советничке Жугиќ пластично ќе ви објаснам. Вие сте актерка, да си замислите да направите некоја претстава е студија, а сценариото кога ќе го направите за таа претстава е проект. Шекспир бил инспириран од љубовта, тоа е студија. Ја напишал ‘Ромео и Јулија’, тоа е сценарио. Се надевам дека некогаш ќе ја играте Јулија, па тоа ќе биде извршен проект“, ѝ одговори Шилегов на Жугиќ.

    По овој говор на Шилегов советниците му дадоа аплауз, а Жугиќ му одговори дека се надева некогаш заедно да глумат на театарската сцена, бидејќи со говорот покажал дека има талент за глума.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира