ШИЛЕГОВ ЗА ГОДИНАВА БАРА ДА ВРАБОТИ 91 ЛИЦЕ ВО ГРАД СКОПЈЕ, А ДОГОДИНА УШТЕ 64 АДМИНИСТРАТИВЦИ И 30 ПОЖАРНИКАРИ

    ШИЛЕГОВ ЗА ГОДИНАВА БАРА ДА ВРАБОТИ 91 ЛИЦЕ ВО ГРАД СКОПЈЕ, А ДОГОДИНА УШТЕ 64 АДМИНИСТРАТИВЦИ И 30 ПОЖАРНИКАРИ„Новите вработувања се неопходни поради извршување на редовниот процес на работа во институцијата“, стои во образложението на градоначалникот Петре Шилегов за потребата од новите вработувања. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Град Скопје годинава ќе вработи 91 лице, а за догодина се планираат 94 нови вработувања од кои 30 ќе бидат пожарникари, а 64 административци. Ова се предвидува со годишниот план за вработување за 2021 година, кој треба да го усвои Советот на Град Скопје на седницата в среда.

    Во планот за вработување стои дека во моментов во Град Скопје има 645 вработени од кои 496 се Македонци, 90 Албанци, 16 Роми, 14 Срби, 11 Турци, 5 Бошњаци, тројца Власи и десет лица се од други националности. До крајот на годинава ќе се пензионираат 14 лица, а планирани нови вработувања во тековната година се 91. Со тоа, како што стои во годишниот план, вкупниот број на вработени во Градот ќе се зголеми на  722.

    Наредната година 16 вработени ќе отидат во пензија, а се планира да се вработат 30 пожарникари и 64 административци. Од 64 административци, седум се инспектори. Сите вработувања се образложени со зголемување на обемот на работа на организационата единица.

    „Потребата од нови вработувања во Град Скопје за 2021 година е особено изразена во Бригадата за противпожарна заштита, каде согласно критериумите за минималниот број на пожарникари според бројот на жители треба да е 384, а тој моментално е 195 пожарникари. Тоа значи дека недостасуваат 189 пожарникари, со тенденција нивниот број поради идни пензионирања и понатаму да се намалува, особено имајќи ја предвид старосната структура во Бригадата. Оттука, предложениот број на нови 30 вработувања на пожарникари во БППЗ е неопходено потребен. Што се однесува до другите нови вработувања во други сектори во администрацијата на Град Скопје, предвидени во Годишниот план за вработување во Град Скоје за 2021 година, треба да се напомене дека истите се неопходни поради извршување на редовниот процес на работа во остварување на функциите на институцијата“, стои во образложението на градоначалникот Петре Шилегов за потребата од новите вработувања.

    По објавување на текстот, од Град Скопје реагираа дека план за вработување се должни да донесат секоја година, за да може да се вработуваат кадри ако за тоа се јави потреба, но, тоа не значи дека донесениот план ќе се реализира во целост, односно, не значи дека ќе се реализираат сите вработувања, туку во пракса се реализираат многу мал процент од предвидените вработувања. Оттаму додаваат дека од почетокот на оваа година, во Град Скопје се вработени 15 лица и тврдат дека е невозможно да се реализираат 91 вработување поради времетраењето на потребните процедури за вработување и поради пандемијата од коронавирусот.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира