Шефот на Делегацијата на Европската Унија во Македонија, Михалис Рокас, денеска ја посети струшката депонија, при што изрази сериозна загриженост за состојбата на терен и близината на депонијата до населени места, реката и Охридското Езеро.
„Доста сум шокиран од обемот на проблемот. Знаев дека депонијата не е во согласност со прописите, но кога ќе се види дека е на само неколку стотици метри од куќите, многу блиску до реката, водоводот и езерото, тоа е навистина очајна слика“, изјави Рокас.
Тој потсети дека Европската Унија го поддржува долгорочното решение за управување со отпадот преку изградба на регионалниот систем во Новаци, но нагласи дека поради одредени одложувања потребни се и итни мерки за актуелната состојба.
„Како Европска Унија го поддржуваме регионалниот третман на цврст отпад во Новаци, но тоа не е моментално решение. Ќе разговарам со надлежните институции и со градоначалникот за да видиме што може да се направи, бидејќи обемот на проблемот бара итна реакција“, рече Рокас.

Во 2021 година измеривме дека депонијата беше висока 22 метри, а денес таа достигнува околу 30 метри над земјата, што значи дека за пет години пораснала за речиси 10 метри, рече екоактивистот Глигорие Ќатоски. (Фото: СДК.МК)
Градоначалникот на Струга, Менди Ќура, изрази надеж дека посетата на европскиот амбасадор ќе придонесе за забрзување на процесите поврзани со изградбата на регионалната депонија.
„Веќе постои координативно тело за регионалната депонија и обезбедени се средства за проектот во Новаци. Работиме на тоа и оваа недела имаме нов состанок за подготовките. Се надеваме дека наскоро ќе биде објавен тендер за фабриката која ќе го третира отпадот и верувам дека проблемот ќе биде решен“, изјави Ќура.
Тој додаде дека Општината веќе има ангажирана фирма за одржување на депонијата, со јасна обврска да се спречи нејзиното палење.
Од друга страна, адвокатот и еколошки активист Глигорие Ќатоски кажа дека посетата претставува значаен чекор, бидејќи проблемот за првпат се разгледува на високо политичко ниво.
„Го уверивме европскиот амбасадор за големината на проблемот. Во 2021 година измеривме дека депонијата беше висока 22 метри, а денес таа достигнува околу 30 метри над земјата. Тоа значи дека за пет години пораснала за речиси 10 метри“, рече Ќатоски.
Според него, единствено трајно решение е целосно дислоцирање на депонијата, рекултивација на земјиштето и пошумување на локацијата, додека отпадот во иднина треба да се одлага во регионалната депонија во Новаци.
„До изградбата на регионалната депонија, Општина Струга мора да преземе конкретни мерки за селекција и рециклирање на отпадот. Според нашите проценки, на тој начин може да се намали до 80 проценти количеството отпад што завршува на оваа локација“, рече Ќатоски.
Тој нагласи дека законската одговорност за решавање на проблемот ја имаат Министерството за животна средина, Општина Струга и Јавното комунално претпријатие, додавајќи дека неопходно е континуирано одржување на депонијата за да се спречат нови пожари како оние од минатото.
Посетата на евроамбасадорт Рокас во период кога сè погласни се барањата за итно решавање на проблемот со струшката депонија, која со години претставува сериозна закана за животната средина и здравјето на граѓаните.
С. ВРЕНЦОВСКA



