Од оваа година, локалната власт на Велес преку јавен повик ќе ги изнајмува штандовите на Питијадата. По реакциите дека цените биле исти до бината и на крајот од редицата, организаторот одлучи изнајмувањето да биде со различни цени, во зависност од местоположбата на штандот.
„Одлучивме да направиме корекција на досегашниот начин на функционирање. Со оваа одлука сметаме дека е пофер и поправична распределбата. Тие што се поблиску до бината, да плаќат повисока цена. Ако има пријавено повеќе заинтересирани за иста локација, ќе има јавно наддавање“, кажа Александра Иванова од организациониот одбор на Питијадата.
Највисоката цена е 120.000 денари за просторот на паркингот десно од бината, по 30.000 денари се двата штанда први од лeво и деcно од бината, по 24.000 денари се трите следни штанда лево и десно од бината, а сите останати е по 18.000 денари.
Дополнително, со оваа одлука се определуваат локации за штандовите за Базарот и цената е 2.000 денари за сите три дена, плус и 1.000 за аплицарање. Има и локации за поставување на рекламни штандови, чија цена е 6.000 денари за сите три дена за површина од 5 квадратни метри.
Се забранува поставување тезги, штандови, рекламен материјал и друга опрема на површини кои не се предвидени во графичкиот приказ, што беше чест пример изминатите години кога имаше сè и сешто по пристапните улици до штандовите на Питијадата.
„Целта ни е да манифестациjата да изгледа убаво и културно, а не како панаѓур“, вели Иванова.
Питијадата традиционално се одржува во втората седмица на октомври, а локацијата е иста, пред зградата позната како Панини.
„Кога ќе заврши изградбата на подземната гаража и новиот плоштад, таму ќе се одржува манифестацијата, во центарот на градот. Размислувам од следната Питијадата да трае два дена, третиот ден некако нема голема посетеност, така ќе ги намалиме трошоците и ќе донесеме поголема балканска ѕвезда во сабота навечер“ , кажа градоначалникот Марко Колев.
Музички гости на Питијадата се Влатко Лозановски на 9 октомври, српската пејчка Наташа Беквалац на 10 октомври, а на 11 октомври Давид Темелков и „Црвена јабука“.
П. ПЕЧКОВ



