Владата на Швајцарија донираше 15.000 евра за отворање на мултисензорна соба за подобра интеграција на децата од предучилишна возраст кои имаат проблеми во развојот.
Сензорната соба е дел од проектот „Здрави деца – сигурна иднина“ и ќе им овозможи на децата кои имаат потешкотии во развојот да ги оспособат чувствата за говор, вкус, допир и сите други сетила и да ги доведат на нормално ниво.
„Им благодарам на владата на Швајцарија и на Општина Штип што одлучија сензорната соба да биде лоцирана во градинката ‘Астибо‘. Во почетокот ќе биде ангажиран еден дефектолог кој ќе располага со помагала за работа со најмалку 20 дечиња“, вели директорката на градинката, Билјана Трајчевска.
Претходно, вакви соби во источна Македонија се отворени во Кочани и Делчево.
„За нас како влада, социјалната инклузија е од посебно значење, па затоа со голем интерес ја следам работата во сензорните соби што досега ги отворивме во целата држава. Првичните резултати се одлични, а децата се вклучени во едукативниот систем“, рече Сибил Сутер Тејада, амбасадорката на Швајцарија.
Т. ЈОВАНОВСКИ